Скандалозна пресуда за напаѓачи кои со нож изболе скопски тинејџер

Скандалозна пресуда изрекол скопскиот Кривичен суд за напаѓачите кои со нож избоделе малолетник во центарот на Скопје и кој едвај преживеал. Едниот напаѓач добил мерка засилен надзор од Центарот за социјални работи, а вториот упатен во поправен дом. Исто така, многу чудно е што во крвавиот напад учествувало уште едно лице, чие име мистериозно исчезнало во текот на истражната постапка и воопшто не е опфатено во судскиот предмет, иако неколку дена по инцидентот директорот на Бирото за јавна безбедност во МВР, Лазе Велковски, на прес конференција соопшти дека истиот е уапсен и во целост го признал делото.

Двајцата напаѓачи, кои на први март, годинава, на автобуската станица „Рекорд“ со нож изболе седумнаесетгодишно момче, чиј живот висеше на конец, се осудени за кривично дело „насилство“. Едниот е упатен во воспитно-поправен дом, а на другиот му е изречена мерка „засилен надзор од страна на Центарот за социјални работи“, но тој незадоволен ја обжалил пресудата, дознава Нетпрес.

Скандалозната одлука на скопскиот Кривичен суд за НетПрес ја потврдија од Основното јавно обвинителство.

Скопјанецот 3.Т. (17) три пати бил прободен со нож во стомакот, а поради тешките повреди на црниот дроб и на другите органи животот му беше загрозен. Но, напаѓачите беа обвинети и осудени за кривично дело „насилство“. За истото дело се товарат и Б.Б. (20), С.Д. (21) и Ј.Љ. (19), кои пред две недели до смрт го претепаа младиот скопјанец Никола Саздовски-Саздо, кој веднаш по нападот падна во кома и никогаш не се разбуди.

Инаку, крвавиот напад на први март, годинава, се случил околу пладне на автобуската станица „Рекорд“, во центарот на Скопје. Малолетниот З.Т. бил нападнат од тројца насилници и тоа уште во автобусот број 57 на ЈСП, додека се враќал од училиште. За случајот на прес конференција информираше директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, и тоа дури три дена подоцна, кога полицијата ги привела Р.А. (18) од Скопје и К.Т. (18) од село Љубин, осомничени за нападот врз седумнесетгодишникот. Двајцата напаѓачите биле заедно заедно со Б.Н. (15) од Скопје. Тие, без никаков повод и причина во автобусот број 57 почнале кавга со З.Т., кој им се спротиставил. Кога се симнале од автобусот, насилниците физички го нападнале З.Т. и со нож го проболе неколку пати во стомакот.

Во предметот за кој покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Скопје водеше постапка против две малолетни лица за сторено кривично дело Насилство од чл.386 ст.6 во врска со ст. 3 и 1 од Кривичниот законик. Основниот суд Скопје 1 Скопје на 03.05.2018 година донесе Решение со кое на лицето Б.Н. (роден 2002 година) му изрече воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом, во траење од најмалку една, а најмногу пет години. Со истото решение, Судот на лицето Р.А. (роден 2000 година) му изрече мерка – засилен надзор од страна на Центарот за социјална работа, во траење не пократко од една и не подолго од три години. На ваквото решение, на 09.06.2018 година е поднесена жалба од страна на одбраната на осомничениот Б.Н. и жалбената постапка е во тек – се вели во информацијата на ОЈО, на барање на НетПрес.

Во целиот случај останува нејасно што всушност се случило со К.Т. Неговото име мистериозно исчезнува уште во истражните дејствија и воопшто не е опфатено во текот на судскиот процес, иако директорот на Бирото за јавна безбедност во МВР, Лазе Велковски, на прес конференција по крвавиот напад соопшти дека истиот бил уапсен и во целост го признал делото.

Инаку, и тројцата осомничени за нападот врз Никола Саздовски се товарат за истото дело – „насилство“ од чл.386 ст.6 во врска со ст. 3 и 1 од Кривичниот законик, што предивика револт во јавноста уште додека момчето беше живо. Од ОЈО велат дека по завршување на истрагата ќе биде познато дали ќе биде извршена преквалификација на делото и тројцата осомничени ќе бидат обвинети за убиство.