Скапата увозна струја и гас направија 300 милиони евра дупка во државните девизни резерви за четири месеци!

Неспособноста на државната компанија за производство на струја ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) и нивното лошо планирање во комбинација со инертноста на надлежните министерства за првите четири месеци годинава направи дупка во девизните резерви на државата од околу 300 милиони евра. Министерствата наместо заедно со ЕСМ да го хеџираат ризикот од извесен раст на цените на берзите на струја уште во август лани чекаа да „паднат во офсајд“ и во ноември да посегнат по баналното и тривијално решение односно да прогласаат енергетска кризна состојба. Со тоа си дадоа легимитет да плаќаат од централен буџет гас за греење на Скопје и скапа увозна струја и дебаланси по цени на берзата ХУПЕКС. И притоа не мрднаа со прст и изложија многу приватни фирми и сите општини и нивните јавни комунални претпријатија да плаќаат мегаватчас струја по цени повисоки од 200 евра за мегаватчас, пишува Фактор.

Набавката на увозна струја по берзански цени  и природен гас од почетокот на јануари до крај на април стопија околу 300 милиони евра од државните девизни резерви на Македонија.

Официјалните податоци во најновата ексклузивна анализа на „Фактор“ се дека девизните резерви на државата од јануари до април се намалени за повеќе од 400 милиони евра! Тоа се официјални податоци кои ги објавува Народната банка, институција која го организира и контролира девизниот пазар, од каде и потврдуваат дека побарувачката на девизи и намалувањето на девизните резерви во најголема мерка е резултат на увозот на енергенси.

„Промените во девизните резерви од почетокот на годината главно се одраз на поголемите потреби на компаниите за девизи заради повисокиот увоз на енергенси, а во услови на значаен раст на светските цени на овие производи“, е објаснувањето на Централната банка за намаленото ниво на девизни резерви од јануари до крај на април.

Тука недостига фактот што домашниот производител ЕСМ во континуитет потфрла со своето производство особено од термоелектраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј затоа што не користи ниту 60 отсто од неговиот инсталиран термо капацитет. Токму неспособноста на ЕСМ е клучната причина за високата изложеност на девизните државни резерви за плаќање на увозна струја. Затоа што другите енергенси (природен гас и нафтени деривати) мора да ги увезуваме затоа што дома ги немаме, пишува Фактор.

Од достапните податоци на електроенергетскиот систем оператор МЕПСО кои се достапни на нивната веб страница во јануари и во февруари годинава увезени се над 530.000 мегаватчасови електрична енергија. За март и за април податоците уште не се достапни. Тоа е увоз за потребите на домашното стопанство, но и за дебаланси предизвикани од домашното производство кое било помало од потребното. Во овој период според официјалните податоци на Народната банка девизните државни резерви се намалиле за повеќе од 250 милиони евра и тоа заради скапиот увоз на енергенси (струја, природен гас, мазут и нафтени деривати).

Токму високата берзанска цена на струјата ги тенчела државните девизни резерви затоа што увозните енергенси се плаќаат во домашна валута.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.