Скапо платениот советник на Владата, не го приближи Макрон до Заев. Што сега?

Дали Љупчо Зафировски, мистериозниот скапо платен советник на премиерот Зоран Заев за олеснување на процесот на пристапување кон ЕУ, ќе сноси некаква одговорност или можеби ќе добие црвен картон од Владата, сега, откако претседателот на Франција, Емануел Макрон, вечерва рече „не“ за датум на почеток на преговори на Македонија со ЕУ?

Очигледно Зафировски не ги исполни надежите и уверувањата на Заев дека тој ќе ја одигра добро улогата на посредник во напорите на Владата за добивање датум за преговори, наводно поради неговите јаки дипломатски врски што ги имал со кабинетот на Макрон.

Инаку, јавноста за прв пат слушна дека во Владата постои советник на Заев кој има врски во кабинетот на Макрон, на крајот на мај годинава, кога одговарајќи на пратеничко прашање на Антонијо Милошевски, Заев одговори:„ Некогаш се потребни повеќе информации за да го привлечеме кабинетот на претседателот Макрон на наша страна. Знаете дека Франција, Холандија и Данска имаа резерва за проширувањето на ЕУ. Зафировски е приватен стопанственик и неговиот хонорар е поголем затоа што поголем дел поминува во Франција, трошоците таму се поголеми и законот го дозволува тоа. Затоа е таа сума од 75.000 денари“, рече тогаш Заев, но не кажа колку време Зафировски се наоѓа на платен список на Владата.

Тоа е единствената информација што излезе во јавноста за овој советник на Заев, со месечен хонорар од 1.200 евра, највисока советничка плата во кабинетот на Заев. Неговото име не може да се најде ниту на една социјална мрежа, Зафировски нема објавено ниеден труд, анализа или изјава поврзана со Европската Унија или со Франција.

А, според истражување на ИРЛ, Зафировски е пензионер.

„Зафировски е пензионер и го најдовме во едно скопско кафуле, каде релаксирано си го пиеше утринско кафе со пријателите. Му го загорчија новинарите на ИРЛ кога му пристапија да го прашаат за неговиот ангажман во Кабинетот на премиерот. „Па не би сакал да зборувам за мојот ангажман во Владата во кафеана“, рече Зафировски. „Сепак ние инсистиравме дека тој е платен од државни пари и е должен да дава отчет за својата работа. Кога го прашавме каква е неговата професионална биографија и искуство за евроатлантските интеграции тој ни одговори:„Сигурно сум компетентен, штом ме избрале за советник“, објави ИРЛ во мај годинава.

Инаку, Макрон на прес конференција вечерва во Тулуз изјави : „Прерано е за започнување на преговорите со Албанија и со Северна Македонија за членство во ЕУ”. Тој прифати дека двете земји направиле значителен напредок во однос на домашните реформи, но дека е рано за датум. Ја спореди ЕУ со убава голема куќа во која сите живеат заедно. „Сега имаме одредени проблеми, еден член на семејството одлучи да си замине, треба да се инвестира за поправки, а некои членки велат, дека иако не сме ја реновирале куќата, треба да каниме нови пријатели во неа“, рече Макрон, по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, која засега не успеа да го разубеди во неговиот став.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.