Скелети во плакар

552

(дискредитабилен или засрамувачки факт што некој сака да чува во тајност)

Дали НАТО и ЕУ ќе го намали нашето разочарување и фрустрациите што се резултат на нашите неуспешни обиди да се следи транзиционата правда. Не верувам. Да барате правда во општество без транзициона правда е како да барате чист воздух во Македонија. Да, за момент успеавме да ѕирнеме во грдото лице на транзицијата, за да ги видиме архитектите на злото кои не’ држат во заложништво на минатото, сега. За брзо потоа повторно да се затворат вратите на транзиционата правда во Македонија и можноста демократијата да стане витална и самоодржлива во оваа држава.

Намерно се испогани желбата низ транзиционата правда да се залечи фрактурираниот правен систем во Македонија и изгради демократски систем на владеење, ослободен од луѓе што низ масовни кршења на човековите права го хранеле и одржувале репресивниот систем на минатиот режим. Оној со (не) човечки лик.

Барајќи правда со игнорирање на транзиционата правда се руинираа вредностите на кои се гради секое пристојно општество. А, Македонија е далеку од пристојно општество. Сега повеќе од кога било. Во Македонија се сатанизира патот кон прочистување на општеството од „комунистичкиот шљам“ и наместо да му се затвори патот кон моќта, широко му беше отворен.

Затоа не бев изненаден кога кодошите маршираа во првите редови на шарената револуција и повикуваа на правда. Поточно, на гола одмазда против оние што им го нарушија комодитетот  на нивното постоење во, за нив, токсичниот амбиент на демократијата. Распослани низ системот тие повторно паразитираат околу власта, толкувајќи го уставот, дебатирајќи, учејќи не за демократијата и човековите права. Перверзија во акција. Морални изроди на транзицијата од кои општеството не успеа да не заштити, продолжуваат да ја инфицираат новата демократска култура.што почнавме да ја градиме. И, да ја рециклираат тоталитарната свест во Македонија, тивко воскрснувајќи го минатото.

Безумието тропна на нашите врати, а фашизмот како никогаш порано не бил толку блиску пред нашиот праг. Ќе забележи Милчин. А што очекуваше кога го амнестира злото? Дека демократија е можна со оние што го креираа и одржуваа во живот реепресивниот систем на минатото? Кои, за воља на вистината, се изборија за свој опстанок и влијание во новиот демократски поредок. Македонското општество се покажа премногу пасивно да се спротивстави на притаеното враќање на тоталитаризмот во Македонија. Кога не успеавме да ги прочистиме главите на бившите комунисти од тоталитарната идеологија на претходниот режим, да не се чудиме зашто е уште жив и витален. Особено сега кога дојде живот во Македонија. Живот за сите, а посебно за кодошите.

Искрено. Никогаш не сум имал големи очекувања дека Македонија некогаш ќе го затвори процесот на декомунизација и лустрација, како негов предуслов. Живеејќи предолго во човечка депонија некои се навикнаа на реата што ја шират ваквите луѓе. Можеби повеќето, јас не. Очајно посакував да се дезинфицира минатото и сегашноста од ваквиот човечки отпад. Неуспешно. Викаа дека лустрацијата е „лов на вештерки“, а молчат сега кога лустрираните станаа новата инквизија на демократијата во Македонија.

Кога се обидовме да ја спроведеме транзиционата правда низ процесот на „лустрација“ тоа беше лов на вештерки и политички реваншизам. Ама, процесот на „ветинг“ (проверка) што го заговара оваа влада е политички неутрален процес на евалуација и испитување со цел да се отстранат злоупотребите и коруптивните службеници преку соодветна постапка. Зар треба да и верувам на власта што ги заштити „кодошите“, дека низ ветингот нема да спроведе обичен брутален политички реваншизам? Проветрување на неподобните за оваа власт. Како да верувам во искрените намери на власта? Кога видовме како го задуши процесот на лустрација.

Се прашувам: дали одбивањето да се следи патот на транзиционата правда во Македонија е обичен садизам зачинет со страстен идеализам? Инквизиторите на 20 век сеуште одбиваат да се соочат со самите себе во 21 век. Очајно се обидуваат да останат во сенката на кошмарот кој го креираа во Македонија. И продолжуваат да го одржуваат.

Се додека не се демонтира мрежата на луѓе на еден од најголемите општествени експерименти на злото, нема да ги ослободиме граѓаните од стравот да ја преземат одговорноста за сопствената иднина и да ги елиминират причините кои генерираат нетолеранција, ксенофобија и екстремен национализам, како рецидиви на комунистичкиот систем. Само така ќе може да излеземе од историскиот егзодус што ни го наметнаа чуварите на злото на минатото.

Некој ќе забележи дека поминаа триесет години од тогаш. И дека е доцна за транзиционата правда. Само оној што ја почувствувал болката зад солзите на жртвите знае дека никогаш не е доцна. Тоа е завет на солзите за иднината што мора да се следи.

П.С. Како за потсетување за оние што мафтаат со пресудите на Европскиот  суд за човекови права, во контекст на лустрацијата. Меѓународните правни тела не се против транзиционата правда и лустрацијата. Нека ги препрочитаат пресудите да проверат што точно пишува и на кои повреди на правата се однесуваат. Ама тие си знаат. Мое е да потсетам.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.