Изминатава недела новоизбраниот претседател на САД г. Трамп беше исклучително активен, на надворешно политички план. Имаше интервју за американската медиумска мрежа NBC News, замина за Париз, каде присуствуваше на отворањето на обновената катедрална црква „Нотр Дам“ но имаше одвоена средба со претседателот на Франција г. Макрон, на која покасно се придружи и претседателот на Украина, г. Зеленски. Одржа и куса средба со италијанската премиерка Мелони. Изненадувачки, изминатиов понеделник, веднаш по враќањето од Европа, имаше средба и со унгарскиот премиер Орбан, во неговата резиденција на Флорида. Во текот на вчерашниот ден, по повод изборот на личност на годината на магазинот „Тајмс“ г. Трамп даде уште едно и поопширно интервју.
Изнесените ставови, пред и по средбите, како и опширните интервјуа, даваат доста материјал за скицирање на неговата надворешна политика, но и за неговиот начин на размислување. При ова интересно е да се одбележи дека сите светски медиуми изнесоа делови од неговите изјави, но немаше коментари. Исклучок беа две-три анализи кои во суштина, не отстапуваа од досегашните ставови на либералните и левите европски и светски кругови.
Образложувајќи ја својата позиција кон царинските тарифи, тој искажа мисла која тешко некого ќе може да го остави рамнодушен, тој смета дека тарифите се најубав збор. „Тие се убави. Тие ќе нè направат богати“. Благодарејќи на нив тој се надева дека САД ќе можат да го намалат моменталниот дефицит, кој изнесува 35 трилиони долари. Тоа што воведувањето на тарифи кон поголем број на држави ќе предизвика светска трговска војна, него воопшто не го засега. Едноставно за него тарифите се американското најмоќно оружје за постигнување на надворешни, но и внатрешни цели. Моќната американска економија ќе може да издржи регионална или светска трговска војна, од секаква јачина.
Во однос на Украина, неговиот став е драстично различен од ставот на сегашната администрација во Вашингтон, но и од НАТО сојузниците. „Ние сме внатре (во Украина-м.з) 350 милијарди долари. Европа е внатре 100 милијарди долари. Зошто Европа не е внатре исто колку ние. Една работа што требеше да се случи е Европа да се изедначи со нас …„ Според него, Бајден требал да стори исто што тој сторил со НАТО, да ги натера да платат. Вие треба да си ги платите вашите сметки. Војната во Украина е многу поважна за Европа, отколку за нас. Ние имаме една мала работа, што се нарекува океан помеѓу нас“ .
Гледано од аспект на Европа, ова е нешто што таа воопшто не го очекуваше. За прв пат, еден претседател на САД излага со став дека војна во Европа е поважна за самата Европа, отколку за САД. Од едноставна причини зошто ги разделува океан. Всушност, најверојатно несвесно, ставот на Трамп по ова прашање е блиску до ставот на дел од земјите од Југот. Тоа најдобро го дефинираше Индискиот министер за надворешни работи со изјавата дека Европа секогаш своите проблеми ги дефинирала како светски, а проблемите од другите делови од светот како регионални.
Претешки би биле зборовите дека Трамп ја гледа Европа како противник, иако има и такви мислења. Поточно би било да се каже дека Трамп ја гледа како трошок, кој треба да се намали, или елиминира. Италијанската премиерка Мелони, која ја имаше привилегијата да биде единствен лидер, кој имаше куса работна средба со Трамп, на прославата на обновувањето на катедралата „Нотр Дам“ (принцот Вилијам е престолонаследник, но не е лидер-м.з.), како и средбата со унгарскиот премиер Орбан, на Флорида, се јасен показател кои ќе бидат неговите европски сојузници во реализацијата на оваа цел.
Но Трамп не застанува тука. Оди и чекор понатаму. По завршувањето на заедничката средба со Макрон и Зеленски тој на својата социјална мрежа напиша: „ … Веднаш треба да се воспостави прекин на огнот и преговорите да започнат со цел да се запре лудилото. Премногу животи непотребно се потрошени, премногу семејства се уништени и доколку тоа продолжи, може да се претвори во нешто многу поголемо и далеку полошо. Јас го знам Владимир (Путин) добро. Ова е негово време да делува. Кина може да помогне. Светот чека … Во овој контекст треба да се потенцира дека во телевизиското интервју Трамп одби да каже дали имал телефонски контакти со Путин, со образложение да не им наштети на преговорите. Од друга страна тој потврди дека до сега неколку пати зборувал со кинескиот претседател. Во интервјуто за „Тајмс“, тој отиде чекор напред. „ оа што се случува е лудо. Тоа е лудо. Јас остро се спротивставувам со испраќање на ракети стотина милји во Русија. Зошто ние го правиме тоа. Ние само ја ескалираме војната. Тоа е многу голема грешка, многу голема. Бројот на загинатите на двете страни е неодржлив“.
Овие негови зборови се во целосен контраст со изјавите на претседателот во заминување Бајден. Фактички, ова е еден од поретките случаи во историјата на американската надворешна политика, кога двајца претседатели еден на заминување, друг на доаѓање имаат крајно различен став по едно прашање. За Бајден војната во Украина е борба на доброто против злото и за почитување на принципите на повелбата на ООН. За Трамп таа е лудост. За Бајден жртвите на Украинците се патриотски чин за одбрана на својата татковина, за Трамп тоа се непотребно потрошени животи. Ваквата разлика во ставовите може да се толкува како одлука на Трамп, да ја вовлече својата држава во состојба на полу-изолација. Всушност токму затоа претседателот Бајден, во својот говор, изминатиов вторник, јавно праша „ ако САД не го водат светот, тогаш кој. За жал, Бајден не го гледа тоа што Трамп го гледа. САД веќе не го водат светот. Не случајно, укажувајќи му на претседателот Путин да почне да дејствува за постигнување на прекин на огнот во Украина, тој ја повика Кина да помогне. Всушност одбивањето на Трамп да потврди дека имал контакти со Путин, а неколку контакти со кинескиот лидер, може да се толкува и како навестување на кинеско посредување во разговорите помеѓу Путин и Трамп. Посетата на заменикот претседател на советот за безбедност на Русија, г. Медведев, на Кина, пред два дена може да се стави и во тој контекст. Натегнато, но не е исклучено. При ова, предвид треба да се земе уште еден момент. Во интервјуто за „Тајмс“, на прашањето дали тој му верува на израелскиот премиер Натенјаху, г. Трамп одговори „Јас не му верувам на никого“.
Се разбира, ниту изјавата на Трамп, ниту постоењето на можност од индиректни контакти со Путин, не им одат во прилог на Европјаните. Тој со една изјава дадена на социјалните мрежи ја сруши европската анти-руската пропаганда. Тие сакале не сакале по 20 јануари треба да се справуваат со претседател на САД кој војната во Украина ја смета за лудост. Тоа значи и целата нивна помош и финансиска и воена, која ја пружија и ја пружаат на Украина е во функција на бесмислена налудничава војна. Војна која, според неговите зборови, воопшто не требало да се случи. Станува отворено прашањето, како лидерите на европските држави ќе им го објаснат овој трампов став на своите гласачи. Уште поопасно. Евентуалното индиректно преговарање помеѓу Путин и Трамп, ќе ја исклучи Европа од мировните преговори со Украина. За неа нема да има место на преговарачката маса. Од тие причини, германскиот канцелар повика на заедничко усогласување на Унијата околу идните мировни преговори, а францускиот претседател, на сите маки што ги има, внатре во земјата, замина за Варшава на средба со полскиот државен врв. Тие, како лидери на двете најголеми држави во Унијата, ќе се обидат да изградат заеднички став и заедно да извршат притисок и да се вклучат во преговорите. Поединечно се потполно немоќни да се справат со Трамп. Кога тој си дозволи премиерот на Канада, Трудо, на социјалните мрежи, да го исмева и да го нарече гувернер на големата држава Канада (алудирајќи дека Канада е 51 држава на САД) тогаш што останува за европските лидери.
Интересно е да се одбележи дека во сите овие изјави Трамп е воздржан во однос на Кина. Тој во интервјуто се закани дека ќе воведе тарифи од 100 посто, но под еден услов. Доколку Кина не воведе смртна каза за тие кои продаваат фентанил на криминалните групи во САД. Ваквата воздржаност може да значат две работи. Или неговиот тим не ја има доразработено стратегијата кон Кина, или неколкуте разговори, кои според неговите зборови ги имал со кинескиот претседател, покажуваат знаци на успех. Во овој контекст, не треба да се изуми фактот г. Трамп лично го има покането кинескиот претседател на присуствува на церемонијата на неговата инаугурација. Израз на специјална лична почит, но најверојатно тоа нема да се случи. Моќта на двете држави и испреплетеноста на нивните интереси е толку голема што драстични пресврти нема да се случат во брзо време. Сè додека економскиот раст на Кина за САД се закана за нивната национална безбедност, противречностите и предизвиците ќе останат. Европа нив најмногу ќе ги почувствува. Посебно доколку трговската војна ескалира. Ние, за жал, како и целиот Западен Балкан, директно или индиректно нема да останеме поштедени.
Евентуалното влегување на САД во полу-изолација, за Македонија, но и за останатите земји од Западен Балкан, ќе значи ниво целосно препуштање на Унијата. Проактивната политика на бајденовата администрација, преку именување на специјален пратеник, беше во функција на избегнување на конфликт меѓу Србија и Косово и евентуално отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина. Горе-долу сè друго им беше препуштено на Европејците. Македонија, во оваа приказна, беше колатерална штета. Ставањето на г. Груби на црната листа на САД е исто така колатерална штета. Во спротивно албанскиот премиер г. Рама нема да се охрабри и да продолжи со своето дрско мешање во македонските внатрешни работи. Муслиманите на Балканот добро знаат дека сè додека трае американската инволвираност во конфликтите на Блискиот и Средниот исток, тие ќе имаат употреблива вредност. Вашингтонскиот договор меѓу Косово и Србија беше постигнат во пакет со тогашната нова Трамповата иницијатива за решавање на израелско палестинскиот конфликт. Претходно, бомбардирањето на Србија од страна на НАТО, започна пред американската инвазија на Ирак. Новата трампова администрација ќе продолжи по оваа линија.
Победата на Трамп, донесе или би требало да донесе две добри работи за Македонија. Едната е намалување на некритичкото прифаќање на сè што ќе дојде од Брисел или Вашингтон, од страна на македонските еврофили и заљубеници во американските амбасадори. За ова сега веќе имаат доста материјал, за да си ги преиспитаат позициите. Втората би требало да биде и поголема. Изјавата на Трамп дека војната во Украина, која ние колку толку ја поддржувавме, е лудост, треба да послужи за конечно освестување. Ова требеше да го научиме веднаш по американското повлекување од Авганистан, но никогаш не е доцна. Среќа и благосостојба на ниедна нација не и донел јабанџија. Овен ако нема сериозен интерес. Ние, во моментов, освен резервите на златна и бакарна руда друго немаме што да понудиме. Причина повеќе еднаш засекогаш самите да станеме самите креатори на нашата иднина.
Автор: Јован Донев за НетПрес