СКМ до пратениците: Донесете ги законите од петтиот пакет мерки, 130.000 вработени чекаат ваша поддршка

Стопанската комора на Македонија апелира до пратениците во Собранието да направат максимални напори и во текот на денот да ги донесат законите од петтиот антикризен пакет кои се во насока на поддршка на македонската економија.

– Станува збор за законски решенија чие изгласување ќе овозможи поддршка за 20.000 компании и околу 130.000 вработени, како и 25.000 граѓани од ранливите категории и со тоа ќе се зголеми ликвидноста и потрошувачката, кои во овој момент се неопходни за одржување на субјектите во кондиција заради справување со кризата, се потенцира во денешното соопштение од Комората, чии членки генерираат 50,3 проценти од вкупниот приход во приватниот сектор и вработуваат 33,7 проценти од вработените во овој сектор.

Комората уште еднаш ги реафимира своите ставови изкажани на почетокот на пандемијата дека оваа битка не може да се добие ако компаниите не и помогнат на државата, но и државата да им помогне нив, како единствено можно решение кое може да даде позитивен импулс во натамошните економски текови.

– Во спротивно, сите досегашни напори, жртви и тешки предизвици кои досега ги надминавме, ќе паднат во вода, велат од Комората.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.