Скопјанец по Бит пазар шетал со пиштол со 10 куршуми и држел на нишан семејство

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за истражна постапка за 36-годишно лице откако осомничениот нападнал и се заканувал со пиштол во рака врз двајца сопружници и нивните две малолетни деца на булеварот Никола Карев, кај Бит пазар во Скопје.

„Осомничениот 36-годишник, на 2 август, на булеварот Никола Карев во Скопје, заедно со уште едно засега непознато лице, ја загрозил сигурноста на двајца сопружници и предизвикал чувство на загрозување и страв кај други присутни лица. Додека сопружниците и нивните две малолетни деца со автомобил „тојота“ се движеле по булеварот, оштетениот и другото лице претрчале пред нив. Осомничениот се доближил до возилото на оштетениот, ја отворил возачката врата, започнал вербално да се расправа, држејќи во раката пиштол марка TANFOGLU во кој имало рамка со 10 куршуми и за кои немал дозвола да ги поседува“, информираат од ОЈО Скопје.

Оттаму велат дека осомничениот потоа започнал со клоци и тупаници да удира во задниот дел од возилото каде што седеле децата. Кратко потоа полицијата го лишила од слобода и му го одзела оружјето.

Од ОЈО Скопје се додава дека осомничениот претходно бил веќе осудуван за кривични дела, од кои еднаш за обид за убиство.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, со оглед на тоа што постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.