Скопјанец приведен во Штип поради криумчарење мигранти

Полицијата во Штип ноќта кон вторникот го привела 31-годишниот скопјенец А.Г.  поради тоа што во комбето со кое тој управувал, при контрола биле пронајдени мигранти.

„Ноќеска во 02.40 часот по полноќ на улицата ‘Маршал Тито’ во Штип, полициски службеници од Полициската станица Штип го лишиле од слобода А.Г. од Скопје затоа што во возило комбе ‘ивеко’ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, превезувал 26 лица – мигранти од Сирија, Пакистан, Египет и Индија“, информираат од МВР.

Откако било запрено возило од полициски службеници, возачот и мигрантите се дале во бегство, но набргу по преземени мерки биле пронајдени и приведени.

Како што информира МВР, возачот бил задржан во полициска станица, а мигрантите биле предадени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ – Гевгелија. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.