Скопјанец украл три телевизори од угостителски објект и физички ги нападнал сопственикот и ќерка му

Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 35-годишен скопјанец кој се товари за кривично дело разбојничка кражба.

Обвинетиот кривичното дело го извршил на 29 јули, во угостителски објект на улица „С. Георг – Шнајдерот“, кога затечен во кражба употребил сила и нападнал двајца оштетени, татко и ќерка.

Тој преку прозорец влегол во угостителски објект и одзел три телевизори во вкупна вредност од 105.000 денари. Притоа бил затекнат од сопстеникот на локалот и неговата ќерка, кои се обиделе да повикаат полиција.

Во тој момент, обвинетиот ја удрил девојката со тупаница во пределот на главата, ја турнал и се обидел да го удри и нејзиниот татко, кој го одбил ударот со рака.

Обвинетиот се обидел да избега од местото на настанот со својот мотор со приколка, но таткото и случаен минувач успеале да го задржат. За тоа време, ќерката го пријавила случувањето во полициска станица.

Заедно со поднесеното обвинение, јавниот обвинител кој постапува во предметот до Судот доставил и предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице.