Скопјани од утре без парно, на потег е Владата

Скопјани уште денеска ќе имаат топли радијатори. Што ќе се случува утре ќе треба да одлучи владата бидејќи БЕГ вчера најави дека  од утре нема да може да испорачува топлинска енергија. Компанијата побара Владата да ја преземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14.01.2022 се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, вчера изјави дека БЕГ ќе остане без лиценца во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија.

Компанијата западна во финансиска криза откако цената на гасот на берзите скокна неколкукратно.

„Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси да обезбедување финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифита за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топлина.

За да се обезбеди непрекинато производство на топлинска енергија во ПТБЕ, предложивме Владата да ја преземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14.01.2022 се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона“, соопшти вчера производство на топлина – Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје.