Скопје бара поддршка за ЕУ, Софија условува со историски прашања а нема слух за Македонците и ОМО Илинден

Северна Македонија очекува поддршка, а не блокада од Бугарија за ЕУ.  Сака да продолжи да гради добри односи со соседите и да се решат отворените прашања. Софија е за евроинтергација на Скопје, но смета дека пред отворање на пристапните преговори терба да се надминат недоразбирањата за историските прашања.

Овие пораки беа испратени од вчерашните средби во Софија на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи со премиерот на Бугарија Бојко Борисов и со неговата колешка бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Премиерот Бојко Борисов, по средбата напишал: „Историјата треба да е мост на пријателство и блискост, а не распарчен мост по кој Република Северна Македонија не би можела да помине по патот кон Европската Унија“.

-Да ви кажам добредојдовте. Многу се надевам дека Северна Македонија ќе го добие неопходното уверување и од нас за да оди по патот за присоединување кон Европската Унија. Треба да се направат неопходните компромиси од двете страни, како што тоа го направија многу други. Но, ние сме должни за сегашните и идните поколенија да направиме за на ниту еден начин Северна Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан да не бидат сопирани на патот кон ЕУ. Се разбира, јас сум многу вознемирен од впишувањето на ОМО Илинден и македонско малцинство во Бугарија, да тоа е една политичка резолуција во Европскиот парламент. Но, тоа во никој случај не е од полза во овој момент кога бараме компромиси и на историчарите и на нашите политички партнери во Северна Македонија, да најдеме решение. Според мене, не знам од каде дојде тоа. Но, е факт. Така што, добредојде, од денешната средба почнуваме заедно со министерката Захариева, со вашиот премиер, на сите нивоа, разговори за да можеме до 10 ноември, кога Бугарија и Северна Македонија копретседаваат со Берлинскиот процес, да имеме компромисно решение што ќе ги задоволи сите. Имате многу работа. Тоа е многу сложен, многу брз и во исто време важен и неопходен процес. Вашите граѓани треба да знаат дека во Бугарија сте имале, имате и ќе имате најголема поддршка. Едноставно, треба да направиме историјата да биде мост на пријателство, на блискост, а не скршен мост по кој Северна Македонија не ќе може да помине. Тука политички игри и не треба да има. Перспективата и моментот се толку важни, за време на германското претседателство да се даде старт на процедурата, на меѓувладините конференции… Според мене, ќе биде грев пред историјата сегашните политички раководства во Бугарија и во Северна Македонија да не најдат компромис. И нема да не разбере ниту светот, вели Борисов.

За резултатите од денешната посета на Софија, шефот на дипломатијата Бујар Османи, смета дека последниот период, дел од објективни, дел од помалку објективни причини имало ослабната комуникација која можеби не довела до оваа ситуација, тоа е пандемијата, тоа се изборите.

-Латентното непријателство наследено од минатото треба да се надмине. Така да, сметам дека тоа создавање на политички амбиент којшто ќе покаже посветеност кон обврските на договорот ќе биде важен предуслов за да се направи исчекор во дел од обврските, а се разбира, ние сме во пресрет на започнување на преговори. Што значи дека хоризонталната контрола на движењето на државата во текот на процесот ќе биде тука во наредните години. Се разбира дека сите прашања не може да се решат во една недела, две недели, меѓутоа посветеноста, политичката волја, сериозноста во пристапот од двете страни, јасните механизми како треба да се движиме напред, мислам дека може да биде формулата како заеднички да излеземе од оваа ситуацијата, вели Османи.

Тој смета дека успехот нема алтернатива овој пат затоа што ова е историски важен момент за двете држави.

„Република Бугарија има внесено преголем политички влог, но е и преважен стратешки интерес на Бугарија е европската персепектива на регионот а исто така тоа е и за нас, така да не верувам дека било кој би ризикувал да ја пропушти оваа историска шанса, не само во нашите односи, но и во целокупната регионална динамика“, изјавил Османи.

Според Захариева, до ноември има уште време Комисијата да испорача резултати.

-Во моментов екипите и во ЕК и од сите држави работат на заклучоците и тоа што и јас и Османи го кажавме е многу слично, а тоа е да  го надминеме тоа што беше запрено и да постигнеме напредок кој е возможен само  ако имаме искрен пристап во нашите односи, вели Захариева според која нема политички притисок врз работата на Комисијата.

Германското претседателство со ЕУ и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји деновиве изразија оптимизам дека двете земји ќе најдат решение за недоразбирањата и дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи според планираното до крајот на преседавањето на Берлин со Советот на ЕУ.

-Во интерес е и на Бугарија и на Северна Македонија да најдат решение за прашањата кои предизвикуваат недоразбирања. Без да се разјаснат ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред. Ова е моментот за да се постигне договор. Гледам посветеност од страна на Заев и на Борисов и се надевам дека ќе успеат да изнајдат решение и колку што знам тие работат на тоа. Ќе направиме се што можеме доколку можеме да помогнеме во процесот. Да се изнајде решение не е невозможно. Не би драматизирал премногу околу прашањето, но сепак е сериозно прашање, рече Вархеји при посетата на Скопје во рамки на неговата балканска турнеја по земјите кои се во процес на евроинтеграција.