Скопје ќе прерасне во модерна европска метропола, вети Арсовска

Затекнавме исклучително тешка финансиска состојба, локална самоуправа со многу долгови, многу обврски кон добавувачи, проекти започнати без соодветна документација и со бројни предизвици кои требало да се предвидат за да може успешно да се реализираат проектите. Оваа затекната состојба зафаќа повеќе години и неколкукратно го надминува годишниот буџет на градот Скопје. Се соочивме со јавни претпријатија во хаотична состојба, без долгорочна визија и план, со милионски долгови. Овие актуелни долгови од претходното раководство во градот Скопје, во голема мера го спречија посакуваниот почеток на мандатот, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешната прес конференција, посочувајќи дека градот во изминатите седум месеци успеа да реализира голем број на проекти и решенија за новите предизвици креирани од енергетската криза, високата инфлација, иако во јавноста се создаде впечаток дека комуникацијата со јавноста не е на посакуваното ниво.

Арсовска потенцираше дека нејзината заложба секогаш била за транспарентен ефикасен систем и доследно спроведување на проектите во соработка со медиумите и јавноста, давајќи осврт на се она што е сработено во изминатите месеци од нејзиниот градоначалнички мандат.

– Затекнавме град без проекти, освен неколкуте проекти отпочнати од претходното раководство и оставени со бројни предизвици за решавање, како непредвидени проблеми и трошоци поради несоодветно планирање, други проекти во градот немаше оставено за да може активно од првиот ден да се работи. Од ноември до сега извршени се на терен 7798 интервенции на водовод и 118.685 интервенции на одделот за канализација. Направени се 16 реконструкции на мрежата на водовод. Извршени се над 82 зафати на улици и патишта од кои најголеми се реконструкцијата на пешачките патеки на улиците во надлежност на градот, реконструкции на пешачките патеки во градскиот парк и тоа 9000 метри при што останатите 1700 метри се финализираат до крајот на месец јуни, нови велосипедски и пешачки патеки на булевар Видое Смилевски Бато и булевар Србија. Да напоменам дека исчистивме над 200 диви депонии, дека се уште се чистат активно, поставивме рампи за лица со попречености во сите институции под град Скопје, ја намаливме цената за градски паркинг за 10%, започна првата фаза од реализација на бесплатниот јавен превоз, воведовме можност да се доставува и одговара на забелешките и предлозите на граѓаните преку проектот Скопје 24 часа отворен град. Ова се само дел од активностите во изминатите 7 месеци, додаде Арсовска.

Градоначалничката Арсовска уште еднаш повтори дека во периодот што следи во Скопје се работи на подобрување на инфраструктурата во урбаниот и руралниот дел на градот, а Скопје ќе прерасне во вистински модерна европска метропола, повикувајќи ги граѓаните и тие да се вклучат преку поднесување барања, забелешки и предлози.

-За разлика од претходно, кога инвестициите се започнувале во последната година од мандатот, сега интензивно почнуваме со реализација на проектите во првата година од мојот мандат. Ги повикувам граѓаните да придонесуваат со свои барања, забелешки и предлози, заедно да придонесеме за поубав град и замолувам за трпение во периодот на реализација на бројните проекти особено кај оние за подобрување на сообраќајната и патна инфраструктура, рече Арсовска.