Скопје и Софија следната седмица ќе го договараат роковникот за решавање на пакетот „4+1“

Нова рунда преговори меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија  ќе се одржи следната седмица во Софија каде ќе се договара нов роковник за таканаречениот пакет 4+1.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во саботата потврди дека на 10-ти или 11-ти февруари ќе престојува во Софија, а на маса ќе бидат ставени позициите на двете страни и пакетот барања на Бугарија. Без да каже кога и на каков начин, Османи уште еднаш потврди дека Бугарите ќе бидат запишани во Уставот, но под мотото – ништо не е договорено сѐ додека не е договорен целиот пакет.

„Важно е сите прашања и тие што ни се важни нас и тие на Бугарија да бидат меѓусебно врзани и во еден роковник во рамки на еден договорен пакет. Бидејки само на тој начин сметам дека ќе имаме гаранции дека тука го затвораме ова прашање и нема да разговараме понатаму. Тука влегуваат и нашите позиции и оние на Република Бугарија“, рече Османи.

Политиката на политичарите, историјата за историчарите смета министерот за надворешни, Бујар Османи, според кого меѓусебното мешање е штетно за преговорите кои ги водат Македонија и Бугарија.

Предлогот за двегодишно замрзнување на работата на мешовитата историска комисија, оцени Османи, е значи, поткопување на Договорот за добрососедство.

„Значи, и Драги Георгиев и сите членови можат да коментираат што сакаат за тоа какви погледи имаат кон историјата. Тоа е нивна должност. Ние не треба да ги коментираме, политиката не треба но историчарите не смеат да зборуваат за процесот којшто ги дефинира политичките прашања. Замрзнувањето на улогата на Комисијата, е минирање на Договорот за добрососедство. Тоа е веќе политичко прашање. Тоа не е содржинско прашање за нивната работа“, рече Османи.

Сепак, бугарскиот дел од комисијата фокусот го насочува кон политичарите во Скопје, а шефот на бугарскиот дел од комисијата и поранешен амбасадор во Скопје,  Ангел Димитров, во интервју за бугарското радио велејќи дека Македонија е „млада сосетка“, посочи дека “клучот за отворање на европската врата’ бил во рацете на македонските политичари.

„Се надевама дека во Македонија има луѓе кои ќе разберат дека Бугарија не го крие клучот од европската врата, туку т оа го прават одредени кругови во Македонија. Клучот за ЕУ е во рацете на политичарите во Скопје, а не овде“, изјави Димитров, Копретседавач на бугарската историска комисија.

Според Димитров, вчерашните настани за време на одбележување на роденденот на Гоце Делчев во Скопје не биле знак за добрососедство.

„Да се положуваат цвеќиња зад полициски кордони, со групи граѓани кои извикуваат недолични зборови. Тоа не е никакво заедничко дејствување кое има придонес во добрососедството и добрите очекувања“, вели Димитров.

За Османи, пак, како што вели, независно од малите странични инциденти, вчерашниот ден бил позитивен. Немало официјално заедничко одбележување, бидејќи двете страни се уште имале разлики за Делчев, но присуството на бугарската владина делегација го смета за добар политички гест.

„Гоце Делчев сѐ уште е во процес на разговори меѓу Историската комисија што значи не е предмет на тоа официјално заедничко одбележување, бидејќи се уште имаме различни интерпретации по однос на улогата на значењето на оваа важна личност за Нас. Така што, вчера беше одлука на двете држави, односно на двете влади да испратат делегации коишто ќе го почитуваат и одбележуваат овој ден“, рече Османи.

Тој во саботата најави дека земјаата веќе испратила предлог за амбасадор во Софија, место кое беше испразнето од април 2020 година,  По повикот на бугарскиот премиер Петков, амбасадорот да биде млад, бизнис оринетиран и прагаматичен, Османи најавува дека Македонија испраќа, искусен дипломат.

„Еден од најискусните дипломати во МНР и намерно така е одлучено, да се испрати искусен дипломат во Софија во услови кога сакаме да ја вратиме довербата и да ги надминеме разликите. Меѓутоа, не можам да коментирам за името додека не се добие агриман, меѓутоа барањето за агриман што значи и одобрување од страна на претседатело е добиено и веќе е испратено во бугарското МНР“, изјави Османи.