Скопје преплавено од кокаин

Главниот град на државата е преплавен од кокаин, поради што неговата цена на уличниот пазар никогаш не била поевтина, велат за НетПрес полициски извори запознаени со овој дел од криминалното милје во Скопје.

Како што наведуваат изворите, истовремени со многу големото количество кокаин низ Скопје, се раширува и мрежата на дилери „на ситно“. А консументите на дрогата, поради никогаш пониската цена на овој наркотик диктирана од количините во оптек и која според соговорниците чини во моментов 50 евра за грам, веќе доаѓаат од сите слоеви на општеството, иако во минатата важаше како повластица за елитата.

За ширењето на мрежата преку која дрогата ќе се направи лесно достапна до евентуалните корисници, според изворите на НетПрес, најмногу се користат локалите, а многу од скопските угостителски објекти се ставени „под капата“ на крупните дилери. Под притисок со исценирани тепачки и други уцени, сопственици на угостителски објекти се принидени да дозволат во нивните локални да се растура дрога. Покрај тоа, се согласуваат за да го заштитат својот бизнис и вложеното во него, во локалот постојано да има човек на дилерите.

Згора на тоа, таквото лице го чини 700 евра месечни, но истовремено тој се јавува и како гаранција дека во објектот нема да се случи никакво инцидент. Зашто на ваквиот „ангажман“ му претходни убедување на сопствениците за согласност, кои доколку не подлегнат ќе се соочат со инциденти во локалите, а по два-три такви инциденти, локалот се разбира ги губи гостите.

Според истите извори, во растурањето на дрогите главниот удел го имале ткн Арачиновска група и ткн Групата од Грчец. Меѓутоа, групата од западната скопска околија во последниот период е многу поорганизирана и посилна од Арачиновската група, тврдат нашите брифери. Велат и дека таа е многу поповрзана со полициски службеници на високи функции, со инспектори, па дури и со политичари и партиски функционери кои ѝ ја даваат наопходната заштита.

Брутални мафијашки пресметки за контрола на пазарот

На почетокот до септември на штотуку заминатата 2019 година, порталот „Лајм“ објави писмо од полициски инспектори во кои се говореше за споменатите две криминални групи.

Полицајци и инспектори од Скопје, од албанска националност во споменатото писмо наведуваа дека се подготвени да влезат во Арачиново и Грчец за да ги разбијат „нарко бандите“ во двете села, но пречки им се блиските врски на локалните дилери со инспектори во МВР. Според овие полицајци, македонските инспектори, како и високи функционери во МВР, не само што ги штитат нарко бандите, туку на нив им служат и како логистика.

„Високи личности на Министерството за внатрешни работи, директори и инспектори на Раководни функции, се редовни гости на свадби и забави на дилерите на дрога“, објави тогаш „Лајм“.

Како доказ дека групата од Грчец е посилна, соговорниците на НетПрес ги наведуваат убиствата што се случија во минатото, а кои буквално ја растуриле групата од Арачиново. Тука го наведуваат бруталното убиство на Џелал Ајети-Џељо, за што досега никој не одговарашка, како и ликвидацијата во класичен мафијашки стил на Наим Ајети, за што, исто така, досега никој не одговараше.

Наим Ајети беше ликвидиран на 29-ти септември 2018 година, малку по полноќ на улицата „Рузвелтова“ во централното подрачје на Скопје, во близина на СЈО но и на неколку угостителски локали кои вообичаено во тој период се доста посетени.

Наим беше брат на Џелал Ајети кој беше убиен во ноември 2013 година во неговата чајџилница „Кај Џељо“ во скопската населба Ченто. Тогаш маскираниот убиец со „калашников“ влегол во чајџилницата и испукал најмалку 30 куршуми додека Ајети седел на маса со уште три лица. Во истиот локал три години претходно беше убиено петнесетгодишно момче, внук на сопственикотм кој таму работел како келнер. Тогаш полицијата се сомневаше дека момчето било случајна жртва а цел на нападот бил Џелал. И во 2009-та неговата куќа на двапати беше цел на напади со бомви, а на тоа во 2008 година претходеше вооружената пресметка меѓу две криминални банди во кафуле на кејот на Вардар, што е регистртирано во криминалното досие на покојниот Џелал Ајети.

Ајети, покрај дебелото полицискo досие, за вмешаност во о низа инциденти и во судири со други познати криминалци, и 18-те кривични пријави за убиство од небрежност, учество во тепачка, загрозување со опасно орудие, насилство, бил познат како дел од скопското подземје, познат и како нарко-бос и човек кој се занимавал со лихварство. На социјалните мрежи објавувал фотографии каде се гледа дека е во друштво на познати бизнисмени, но мотивите за неговата ликвидција до денес останаа нејасни.

Инцидентот од почеткот на декември во скопскиот хотел „Александар Палас“, според познавачите на скопското криминално милје, е дел од борбата за превласт меѓу двете споменати групи. Престрелката во ресторанот на хотелот се случи кога пет лица седеле во ресторанот на хотелот, а други три лица почнале да пукаат кон нив. Тогаш еден од нападнатите, полициски службеник кој не бил на должност, испукал од службениот пиштол кон нив, по што напаѓачите побегнале.  Подоцна истиот ден во атарот на Арачиново беше пронајдено опожарено возило „фолсваген туарег“  во кое имало две автоматски пушки, со кое според очевидците побегнале напаѓачите, на лицата кои се жители на Грчец.

Македонските нарко-босови „паѓаат“ само меѓународно

Неодамнешниот случај во кој е инволвирана и позната актерка Силвија Стојановска, само укажува дека македонските нарко-босови се вмешани во големи дилови со кокаин во Европа.

Стојановска, на којашто ѝ беше изречена мерката домашен притвор, под сомнение дека на одреден начин е вмешана во трговија со кокаин, била партнерка на истиот човек, кој пред неполни десет години, беше вмешан исто така во трговија со кокаин во случајот на скопјанката „мадам Пепи“. Станува збор за Воислав Будисављевиќ, кој заедно со актерката беа приведени во координирана истрага на три земји под сомневање за меѓународна трговија со дрога и незаконски меѓународни трансакции. Не се посочуваат детали во оваа фаза од постапката, но сомненијата се дека Стојановска е дел од незаконски меѓународни трансакции на пари.

Партнерот на македонската актерка и’ е добро познат на македонската јавност, откако скопјанецот Воислав Будисављевиќ беше дел и од кривичниот прогон на Персида Момировска позната како „Мадам Пепи“, пред околу десет години. Тој беше второбвинет во случајот на Момировска, но тогаш Будисављевиќ успеа да побегне, а „Мадам Пепи“ беше осудена на петгодишна казна за шверц на кокаин и облека. Македонската полиција потоа распиша меѓународна потерница по Будисављевиќ, за шверц на два килограми кокаин од Перу. Во 2009 година, тој заминал за Лима, Перу каде од непознат дилер ја купил дрогата. Преку Германија ја испратил за Скопје каде пристигнала како поштенска пратка за „Мадам Пепи“.

Засега апсења за трговија со кокаин во Македонија нема. Случајот со Стојановска и Будисављевиќ не е единствениот, но станува збор за меѓународна истрага зад чијашто координација стои американската агенција за борба против наркотиците.

Во ноември и декември годинава, македонската во соработка со австриската и српската полиција пресече повеќе меѓународни канали во кои беа запленети 17 килограмихероин и пет килограми кокаин, кои на нелегалниот пазар достигнуваат вредност од околу милион евра, а вкупно беа приведеи 12 лица, соопшти МВР. Меѓународната истрага била започната во ноември во соработка со полицијата од Србија и Австрија за откривање организирана криминална група составена од македонски државјани кои вршеле продажба и транспорт на хероин во регионот и во земјите од Западна Европа.

На 20-ти ноември во покраината Долна Австрија, приведени се двајца македонски државјани, кај кои се најдени пет килограми хероин со многу висок квалитет. На 3-ти декември, пак, во Унгарија на излез на граничниот премин Хоргош уапсенаа е 48-годишна жена од Скопје, заедно со нејзината 21-годишна ќерка, а и уште едно лица, откако во нивниот џип „мерцедес“ биле пронајдени пет килограми кокаин во специјално направен бункер. Подоцна на 6-ти декември, австриската полиција во Виена покрај албански државјанин уапси и битолчанец, кај кои исто така, се откриени пет килограми хероин. Оваа истрага продолжи и во Србија, и на 26-ти декември во Врање и Нови Сад, во заедничката и координирана акција на српската и македонската полиција, приведени се тројца македонски државјани, од Тетово, Скопје и Куманово, во обид да продадат хероин на српски државјанин. Хероинот бил скриен во патнички автомобил во резервно тркало.

Веднаш по овие акции, извршени се претреси на две локации во Тетово, две во Скопје и една во Куманово, кај лица кои се дел од оваа криминална група. При претресите уапсени се двајца македонски државјани, од Тетово и скопската населба Ченто, како дел од организираната криминална група и пронајдени се пари кои потекнувааат од продажба на дрога, помала количина нкокаин и една вага, како и многу докази со кои се потврдува нивната инволвираност во вршењето на кривичното дело недозволена трговија со наркотични дроги.

Па оттаму, прашање е дали доколку и овој случај беше „домашен“, ќе следеше реакција на полицијата и веројатно судски епилог. Од дневните извештаи на МВР може да се забележи, исто така, дека најчесто „паѓаат“ ситните дилери на марихуана, а само повремено, се наведуваат случаи кога се приведуваат лица кои поседуваат кокаин во позначајни количини. Што повторни наведува на тоа дека таквите препродавачи уживаат добра заштите на теренот.