Скопјани ќе добијат модерен и современ скејт парк

Модерен и современ скејт парк ќе се гради во главниот град.

Градот купи реквизити за опремување, а неодамна склучи договор со фирмата „Фреакс дивисион“ од Скопје, вреден 81.000 евра, пишува Утрински.

Како што наведува весникот, за таа вредност ќе набави опрема за адреналинскиот парк, кој планира да го гради под Транспортен центар. Скејт-паркот ќе биде еден од ретките нови проекти кои актуелната градска власт ги планира за годинава.

„Со изградба на скејт-парк на територијата на Скопје ќе се реализира дамнешната желба на многу љубители на овие нови спортови кои се во се поголема експанзија како по масовноста така и по атрактивноста. Скејт-паркот би бил изграден според сите меѓународни стандарди и норми, а жителите на Скопје ќе добијат свое катче според најсовремени текови за спорт и рекреација“,  вели градоначалникот Коце Трајановски.

Кога ќе почне изградбата и кога ќе биде готов скејт-паркот, надлежните се уште не можат да прецизираат. Допрва ќе се утврдува и начинот на неговото функционирање, работното време, регулацијата на влезот и користењето на паркот.