Скопјани протестираат против енормното загадување

Под мотото „Време е за чист воздух“, граѓани денеска протестираа пред Инспекторатот на Град Скопје.

Бараат мерки кои итно ќе се спроведат. Власта ја потсетија и на старите изјави и ветувања за справување со загадувањето на воздухот. Ѝ забележуваат на власта за парите кои ги планира за справување со загадувањето проектирани во буџетот за следната година. Велат дека 1,5 милиони евра се малку во споредба со тоа колку трошат за службени патувања. На протестот немаше голема посетеност.

Претходно владата најави стратешка програма со фонд од 1,5 милиони евра за решавање на проблемот со загадениот воздух.

За загадениот воздух на прес-конференција реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека воздухот е сè позагаден, а најодговорните, според нив, се политичарите на власт. Од опозициската партија презентираа сет мерки за справување со загадувањето.

Од петокот  и со петиција на интернет беше побарана нула толеранција за загадувањето и непочитувањето на правото на живот.

„Република Македонија, како потписник на сите меѓународни документи за заштита на човековите права, има обврска да ги почитува, заштитува и унапредува условите за реализација на човековите права. Оваа обврска бара државата да преземе соодветни законски, административни, буџетски, судски и други мерки во правец на целосна реализација на човековите права. Во таа насока, ја повикуваме државата да ги исполни обврските во однос на почитување на основното право, правото на живот воведувајќи итни мерки за намалувањето на загадувањето кое диретно влијае на здравјето на луѓето и нивниот живот“, стои во петицијата.