Скопјанката Ангела која скокаше по крстот: Света Петка ме чува

Пред две години, сега 20-годишната Ангела Симоноска, беше единствената девојка што се фрлаше по светиот крст на православниот христијански празник Водици од мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј ин“. Тогаш таа немаше среќа да го фати крстот, но вели дека самиот чин на учество и фрлањето по него во водите на Вардар, донеле многу среќа и радост за неа и за нејзиното семејство, кое повторно се обединило. Оваа година повторно ќе скока во реката, пишува Дневник.

„Тогаш некако наеднаш ми дојде поривот да учествувам во фаќањето на крстот. Гледав емисија на телевизија за празникот Водици и си реков дека сакам и јас да се фрлам по крстот. Го замолив мојот татко Kиро и тој ме пријави во редакцијата на весникот „Нова Македонија“, која е организатор на оваа манифестација. И тој се пријави заедно со мене“, вели за Дневник Симоновска, студентка во прва година на Универзитетот за туризам и менаџмент.

Таа вели дека фрлањето во осветените води таа година и донело голема радост.

„Татко ми и мајка ми, кои беа разделени седум години, се смирија. Сега живеам заедно со нив и со мојот брат во куќата во Kозле. Претходно јас и мајка ми живеевме под кирија. Тоа ми е најубавото нешто што ми се случи, а сметам дека е плод на моето учество на овој убав верски празник“, раскажува Ангела.

Ангела вели дека е неверојатно и не може да се опише ни да се објасни чувството што ја обзело кога се фрлила во Вардар заедно со 160 мажи. Таа раскажува дека воопшто не почувствував студ.

„Дури кога излегов од водата, сфатив дека нозете во патиките ми се мраз и целата треперев, но не се разболев. Верувам, како што велат постарите, дека во тие 45 минути или колку и да се додека трае церемонијата, Бог е со нас“, се сеќава на тој ден Симоноска.

Таа и оваа година ќе проба да го фати осветениот крст во водите на Вардар.

„Ноќта на 4 кон 5 јануари годинава на сон ми дојде жена во црно и ме праша дали ќе скокам по крстот. Јас реков „да“, а таа ми рече дека ќе биде со мене и ќе ме чува. Претпоставувам дека се работи за света Петка бидејќи таа е жена во црно. Тоа ми беше знак дека морам годинава да се пријавам, иако моите родители ме одвраќаа и ми велеа дека е ладно. Сепак, ќе одам бидејќи овој сон можеби значи дека ќе имам среќа да го фатам крстот“, потенцира Ангела.

Брат и`, 22-годишниот Дарко, не можат да го убедат да се фрли, а татко и Kиро досега скокал пет пати – во 1995, 1996, 1997, 1998 и во 2012 година, а ќе скока и в недела заедно со неа. Ангела, пак, вели дека и следната, 2015 година, ќе ја продолжи традицијата да учествува во манифестацијата за Водици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.