Скопје гори на 40 степени, градежните работници турбо градат, реконструираат, поправаат…

Низ скопските улици турбо се градат згради, деловни простори, се доградува, се копаат и прекопуваат улици и тротоари, мостови, се асфалтира…поплочува, се затвораат дупки…во текот на денот, од утро до вечер. Сведоци се жителите на градот, посебно оние од центарот на Скопје, низ кој сѐ потешко, а некаде и невозможно станува движењето пешки, но и со автоомобил или велосипед…

И тоа е така секојдневно, иако температурите во последните дестина денови се меѓу  35 и 40 степени, без оглед на препораките на докторите за мерките за заштита од последиците од високите температури. Од Итната медицинска помош секојдневно информираат колку лица, најмногу оние со здравствени проблеми, се јавиле за да побараат лекарска помош, колкумина колабирале по скопските улици од жешкото сонце…На пример, само вчера претпладне се регистрирани 8 колабирани лица.

Наспроти јасните последици по здравјето на лицата кои се исложени на сонце, на што алармираат лекарите, градските власти како да се глуви и неми и наместо да преземат некакви конкретни активности, тие напротив, најавуваат нови и нови градежни зафати.

На пример, од општина Центар денеска најавија дека на мостот Гоце Делчев ќе се работи цел овој викенд и ќе се санираат дупките…Речиси секојдневно се информира за разни градежни активности, како фалби, дека нешто се прави, работите се движат напред. На официјалниот сајт на Град Скопје има објавено 13 градежни активности во тек за проширување и реконструкција на улици и булевари низ градот. Во тек се и многубројните градежни активности на изградба на нови згради кои никнуваат буквално на секој чекор во центарот на Скопје.

Нема никакви реакции на апелите на Синдикатот за градежништво индустрија и проектирање кој пред три дена писмено побара од надлежните, работниците да не се изложуваат на отворено, под директно зрачење на сонце, во периодот од 11 до 17 часот, а повозрасните лица, бремените жени и хронично болните лица да бидат ослободени од работни обврски, како и да се спороведе проверка на техничко-технолошки колективни мерки за заштита, со адекватна вентилација и по можност климатизација. „Согласно Акциониот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението и мерките за Безбедност и здравје при работа, укажуваме дека работодавачите од целата држава треба да ги почитуваат општите препораки за заштита на работниците од високите температури“, стои во соопштението.

Барањето на Синдикатот за превентивни мерки при високи температури беше доставено до Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд и Организацијата на работодавачи.
Освен Организацијата на работодавачи, другите споменати веќе испратија соопштенија со препораки, како да се работи и што да се преземе во деновите на високите температури.

Во соопштението од Државниот инспекторат за труд се цитира : Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавецот е должен да обезбеди соодветни услови на работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците. Со проценка на ризик се утврдуваат работни места на кои работникот може да биде изложен на високи температури и/или топлинско зрачење …

Прашањето е:Кој работодавец од градежниот сектор го (ис)почитува Законот ?