Скопје од утре до петти август ќе биде домаќин на Европското првенство во кајак спуст на диви води за јуниори и за сениори до 23 години.
Натпреварувањето ќе се одржи на реката Треска, кај Матка, а учество ќе земат 250 кајакари од 16 земји.
Македонија ќе има седум натпреварувачи (Александар Златаров, Никола Димов и Виктор Миланов во сениорска и Енис Небиовски, Џингис Небиовски, Мартин Мазнев и Христијан Игнатов во јуниорска конкуренција).
По тој повод Агенцијата за млади и спорт во соработка со Кајакарската федерација на Македонија денеска организираше прес-конференција.
Организаторите истакнаа дека ова ќе биде најбројното Европско првенство во оваа категорија одржано досега и дека организацијата минала во најдобар ред.
Се надеваме дека со добрата организација на ова Европско првенство во иднина ќе добиеме организација и на некое Светско првенство. Организацијата тече одлично, претставниците на Европска федерација се задоволни од патеката и условите, истакна директорот на организациониот одбор Димче Стефановски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, им посака успех на натпреварувачите и наведе дека овој настан ќе помогне и за подобра промоција на убавините на Македонија. Тој ги повикува граѓаните помасовно да дојдат на Матка и да ги бодрат натпреварувачите.
Натпреварите започнуваат утре во девет часот на Матка.