Скопје продолжува да се гради- уште еден капитален проект за граѓаните

Секоја генерација има своја борба, a борбата на нашата генерација меѓу другото е да обезбеди просперитет и благосостојба, да остави на идните поколенија подобро место за живеење. За да успееме во тоа потребна е многу работа и инвестирање во сите области на општеството, вклучително и инвестирање во инфраструктурата и транспортната мрежа, бидејќи тоа претставува инвестирање во подобра бизнис клима, во стопански раст на државата и воопшто во подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Денес на овој голем празник на нашата држава се заокружува уште еден голем инфрструктурен и транспортен проект со кој се реконструираше, се прошири и целосно се уреди уште една делница од градското подрачје. Денеска ја пуштивме и новата катна гаража „Солунски конгрес“, кое е едно ново капитално и трајно дело на Град Скопје и на нашата земја. Сега го пуштаме во употреба булеварот „Трета македонска бригада“, кој претставува суштински инфраструктурен и многу значаен проект и кој нуди голема корист за граѓаните. Два крупни инфраструктурни зафати, два проекти за граѓаните, две нови дела, потенцираше Груевски.

Груевски истакна дека Скопје продолжува да се гради на секоја страна и нагласи дека и во иднина Владата ќе биде верен партнер во сите квалитетни проекти што ќе бидат од корист на граѓаните.

-Нови згради, нови градби, нови паркинзи, широки булевари, впечатливи кружни текови, прекрасни плоштади. Се гради во секоја населба, се подобрува инфраструктурата, водоводот, канализацијата, секаде се уредува со ново зеленило и се поставува ново осветлување со цел да се задоволат потребите на граѓаните за урбано и модерно живеење, додаде премиерот.

По само 9 месеци интензивни градежни работи Градот Скопје доби уште важна сообраќајна артерија – модерен булевар со четири ленти, со уредени тротоари и велосипедски патеки, зеленило и ново осветлување, булевар што ќе овозможи побезбедно одвивање на сообраќајот од центарот на градот кон општината Аеродром и обратно, скратување на времето на патување и забрзан развој на овој дел од градот. Со овој проект, старата и нефункционална улица Трета македонска бригада која беше синоним за сообраќаен метеж, е проширена и реконструирана на потегот од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз, во должина од 1 243 метри. Со проширувањето, оваа сообраќајница доби 4 коловозни ленти, по две во секоја насока. Новоасфалтираната површина изнесува 22.500 квадратни метри, а од двете страни на новоформираната сообраќајница се изградени тротоари. За одведување на атмосферските води на булеварот Трета македонска бригада е поставена и атмосферска канализација, рече градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција на улицата Трета македонска бригада- прва фаза, изнесува околу 147,2 милиони денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.