„Скопје танцовиот театар“ ќе настапува во парискиот театар „Шајо“

24

„Скопје танцовиот театар“ е првиот македонски театар и компанија што доби покана за гостување во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз. Престижниот француски театар, еден од симболите на светската културна елита, ќе биде домаќин на „Скопје танцовиот театар“ во сезоната 2020/2021, во која „Шајо“ ќе одбележи еден век постоење.

– Многу сум возбудена и среќна што „Скопје танцовиот театар“ со својот квалитет и уметнички вредности успева да влезе во високи, светски уметнички кругови. Тоа е привилегија и поттик и понатаму да работиме и да твориме, со цел да ја промовираме нашата работа, да бидеме препознаени од светската културна јавност и да ја пласираме нашата земја во врвот и друштво на најзначајни уметници. Ова е уште една потврда дека борбата и упорноста за вистинските уметнички вредности не смее да запре, напротив, треба и понатаму да создаваме и креираме, како сите овие години, бидејќи успехот не изостанува – истакна Рисима Рисимкин, кореограф и уметнички директор на „Скопје танцов театар“.

Поканата за гостување во една од најпрестижните културни установи во светски рамки е уште една афирмација на напорната работа и труд кои „Скопје танцовиот театар“ ги вложува изминатите години, а кој во Париз ќе одбележи една деценија постоење.

– Пред сѐ, би сакала да ја изразам огромната радост што ја почувствував кога дознав дека „Скопје танцовиот театар“ е поканет да гостува во театарот „Шајо“, најголемата установа за современ танц во Франција. Кога работиме во светот на културата, некогаш може да се запрашаме себеси за што точно работиме, какви конкретни резултати имаме од сето она што го правиме. Но, еден ден, кога дознавате дека „Скопје танцовиот театар“ е поканет во „Шајо“, кога тој ја слави стогодишнината од своето постоење, конечно сфаќате дека во културата треба да имате големо трпение и дека работите не се случуваат преку ноќ – додаде Рисимкин.

Изборот „Скопје танцовиот театар“ да гостува во „Шајо“ со своја претстава е на некој начин крунисување и негов златен медал. Големи пофалби. Француската амбасада секако ќе биде тука и понатаму да ја дава потребната поддршка, рече Емануел Рембер, советник за култура во француската амбасада.

Театарот „Шајо“ е изграден во 1878 година за светската ЕКСПО-изложба, во 1920 година е формиран како прв Национален театар на светско ниво, а во 1948 станува седиште на Обединетите нации, каде што истата година е потпишана Универзалната повелба за човекови прави на ОН. Овој театар е едно од најпрестижните културни места во светот за современ танц, на ниво на Метрополитен операта во Њујорк. Во театарот во кој се гостува исклучиво по покана гостуваат најпрестижни светски компании и имиња како Пина Бауш танцовата компанија, Филип Декуфле, Охад Нахрин и Батшева танцова компанија, Мерси Кенингем танцовата компанија, Кралскиот балет од Лондон, Париската опера и други.

„Скопје танцовиот театар“, основан во 2011 година, успеа за период од осум години да се претстави на престижни сцени и фестивали во Европа, САД и во Кина. Минатата година единствената домашна современа танцова компанија имаше привилегија да гостува на „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, на „Battery Dance Festival“ во Њујорк и повеќепати на сцените во Пекинг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.