Скопската полиција го уапси Емил Јакимовски, заврши во притвор

Осумдневен притвор за Емил Јакимовски поради опасност од бегство, одреди судот. По пријава за семејно насилство, Основното јавно обвинителство побара мерка притвор за поранешниот вработен во Централен регистар, Емил Јакимовски.

„На ден 18.01.2020 од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, по претходни извршени консултации со ОЈО Скопје, се поднесени две кривични пријави, во брза постапка, против лицето Е.Ј. Едната кривична пријава е за сторени две кривични дела и тоа “Загрозување на сигурноста” по чл. 144 став 2  од КЗ и “Неизвршување на судска одлука” по чл. 377 став 5 од КЗ. Втората кривична пријава е исто така за сторени две кривични дела “Загрозување на сигурноста” по чл. 144 став 4 од КЗ“, стои во соопштението на МВР.

Тој вчера беше приведен и задржан во полиција. Денеска беше изведен пред судија на претходна постапка кој му одреди осумдневен притвор. Освен за семејно насилство, ОЈО го сомничи за уште две кривични дела. Пред неколку денови Јакимоски беше на разговор во полиција по пријавите за закани до новинари и до вработени во институцијата од каде што доби отказ. Toj веќе има една правосилна условна пресуда за семејно насилство, а вчера беше уапсен поради непочитување на мерките во пресудата.

Скопската полиција реагираше веднаш по првичното алармирање на новинарките Искра Коровешовска и Мери Јордановска дека се жртви на деноноќни закани и малтретирање од страна на Јакимовски. Освен кон новинарките претходно тој се заканувал и на неговата поранешна сопруга.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.