Скопски Бони и Клајд со пластичен пиштол украле 11.000 евра

Тинејџерка од Скопје со својот двојно постар пријател ја ограбиле фирмата „Брза пратка“ од каде украле над 11.000 евра, пред две недели во скопската населба Аеродром, информираше МВР.

Станува збор за А.Р.(33), против кого полицијата до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава за разбојништво, како и за Л.А.(18) која се товари за помагање.

Според полицијата, осомничените на 16.10.2018 година околу 07.10 часот со мотоцикл дошле пред просториите на фирмата на булеварот „Јане Сандански“. Кога пристигнала вработената и ја отклучила влезната врата, А.Р. влегол по неа и со закана со пиштол и ги одзел парите кои таа претходно ги извадила од банка, како и мобилниот телефон. Двајцата веднаш избегале, а случајот бил пријавен во полицијата.

По добиената пријава, од страна на полициски службеници веднаш се преземени мерки и активности за расчистување на случајот. На 27.10.2018 година, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во домот на пријавениот А.Р. на улица Тодор Чангов, каде била затекната и Л.А.. При претресот бил пронајден пластичен пиштол и предмети поврзани со кривичното дело. Двајцата биле лишени од слобода, а извршено е и препознавање на пријавените од страна на оштетената, велат од МВР.