Скопскиот аквапарк се отвара на 15 мај

Сезоната за капење во скопскиот аквапарк ќе започне на 15 мај, најави Ратко Kапушевски, директор на спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски“. На истата дата ќе биде отворена и летната тераса на базенот „Младост“, пренесува Дневник.

И оваа сезона цената за влез во аквапаркот останува иста, 300 денари за лице за цел ден, како и илјада денари за цело семејство. Влезот за деца до 4 години е бесплатен, а исто и за лицата со посебни потреби. И работното време останува исто – од 10 наутро до 1 часот по полноќ.

„Сите посетители при купување билет добиваат алка за која се остава депозит од 100 денари. Таа служи и како клуч за отворање на соблекувалните. При напуштање на комплексот алката мора да се врати на билетарницата. Забрането е внесување храна и пијалаци, а децата на возраст под 13 години мора да бидат придружувани од лице над 18 години. Исто така, посетителите не смеат да носат накит“, се наведува  во правилата утврдени од менаџментот.

Реквизити со кои располага аквапаркот за рекреација на посетителите се десетте тобогани, базен за деца, базен со бранови, мрзлива река. Придружни објекти се ресторанот, три кафе-барови, санитарни јазли, соблекувални и прва помош.