Скопските градоначалници на координативен состанок по синоќешното невреме

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска одржа координативен состанок со градоначалниците на сите скопски општини и директорите на градските јавни претпријатија, поради силното невреме кое вчера го зафати Скопје, како и во врска со најавите за нови временски непогоди во скопската котлина деновиве.

На состанокот на кој беше дискутирано за моменталната ситуација на терен, се донесоа едногласно заеднички заклучоци и ставови.

Досегашните преземени активности за санирање на состојбите, подготовки за можно невреме, се со зголемена координација меѓу Град Скопје и општините во насока на здружување на ресурсите и екипите за интервенција при невреме на најпогодените и најкритичните места. Исто така, на состанокот се дискутираше за проблемот со нискиот процент покриеност на Скопје со атмосферска канализација, особено на општинските улици и во моментов се прават анализи за надминување на овој долгогодишен проблем.

-Сите екипи и денеска се мобилизирани на терен, се интервенира на сите локации погодени од силното невреме, а штетите се санираат. Екипите остануваат подготвени а приоритет во расчистувањето имаат приодите кон критичните места во градот, истакна Арсовска.

На состанокот, градоначалниците заеднички побараа долгорочно решение за зачестениот проблем со паднати дрвја при секое посилно невреме во Скопје, што претставува опасност по безбедноста на граѓаните и нивните имоти. За решавање на овој зачестен проблем се дискутираше за реализација на голема акција во сите општини координирано за сечење на сите стари и суви дрвја, бидејќи претставуваат опасност по безбедноста на граѓаните и нивните имоти.

Градоначалниците истакнаа благодарност до екипите на јавните претпријатија за брзата интервенција и за добрата координираност со службите од Градот Скопје. Едногласно се донесе заклучок координираната соработка да продолжи до целосно санирање на штетите.

Град Скопје и општините ја следат состојбата и се подготвени за евентуално ново невреме во Скопје. За зголемена координација и одредување на приоритетни места за делување во општините беше договорено секоја општина да назначи одговорно лице за контакт, со цел насочување на голем дел од ресурсите кон најпогодените места при евентуално ново силно невреме. На состанокот се дискутираше за спремноста и расположливите ресурси, опрема и механизација на сите општини како и солидарност во реалокација на ресурсите онаму каде што ќе има приоритетни потреби за расчистување.

Во текот на вчерашниот ден, а и утрово се интервенираше на сите улици во градот и на критичните места, во моментов состојбата е нормализирана, но со цел превенирање на слични ситуации, како и овозможување на непрекината функционалност на атмосферската канализација, екипите на ЈП Водовод и канализација остануваат мобилизирани на терен, во акција за континуирано чистење на сливниците на целата територија на град Скопје, до нормализирање на временските услови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.