Шкотска бара нов референдум, Лондон се противи

Никол Старџон Шкотска

Шкотските пратеници, вчера, гласале да и’ се овозможи на премиерот Никол Старџон да поднесе официјално барање до британската влада за одржување на нов референдум за независност на Шкотска, во очи на формалното покренување на процесот на излез на Велика Британија од Европската унија.

За поднесување на барање за одржување на нов референдум гласале 69 пратеници, додека 59 биле против, објави новинската агенција „Франс Прес“, пренесува Нетпрес.

Премиерот на Велика Британија, Тереза Меј, претходно најави дека денеска ќе го активира членот 50 од Лисабонската спогодба, со кој ќе се покрене процесот на напуштање на земјата на Европската унија, и тоа по 44 години членство, и дека отпочува преговори за излез за кои верува дека ќе траат околу две години. За одржување на референдум за независност на Шкотска потребно е одобрување од британската влада, но Тереза Меј веќе кажа дека „сега не е време за тоа“.

Никол Старџон, пак, лани изјави дека Шкотска е приморана да ја напушти Европската унија, против своја воља. Последните истражувања на јавното мислење покажале дека поддршката за независност на Шкотска изнесува 46 отсто, што всушност е најголема од 1999 година, откако се врши вакво истражување, до сега.

Британската влада против референдум за независност на Шкотска

По гласањето во шкотскиот парламент, британската влада соопшти дека нема да влезе во преговори околу предлогот на владата на Шкотска да одржи нов референдум за независност до крајот на 2018 година, или почетокот на 2019 година.

Би било неправедно кон народот на Шкотска да се бара од нив да донесат клучна одлука без неопходни информации за нашиот однос со Европа во иднина, или за тоа како би изгледала независна Шкотска, било наведено во соопштението на британската влада, јавува „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.