Шкотските парламентарци за меѓународно призанвање на Каталонија

Шкотски парламентарци, приврзаници на независноста, го претставија во четвртокот во својот парламент предлогот со кој се повикува на меѓународно признавање на еднострано прогласената независност на Каталонија од Шпанија, пренесува Reuters.

Шкотската премиерка Никола Старџен го критикува начинот на кој Мадрид се обидува да ја разреши кризата во својата автономна североисточна покраина, но се воздржа од подиректна поддршка за прогласувањето на независноста.

Предлогот го потпишале 21 од 63 пратеници на Шкотската национална партија (SNP) којашто ја води шкотската влада. Својот потпис го ставил и еден од пратениците на шкотската партија на Зелените, но не е веројатно дека со нив ќе се стигне далеку, бидејќи мора да ја добие поддршката на трите партии за да се дискутира за него во парламентот.

Старџен минатиот месец беше повикана да ја признае независноста на Каталонија, но обидите на националистите беа попусти. „Не можеме да ја признаеме незавиноста на Каталонија, бидејќи, иако тоа би го сакале, не сме суверена држава“, рече тогаш извор во шкотската влада.

Весникот The Times пишува во четвртокот дека сепаратистичката каталонска влада побарала помош од шкотската валда, но оти не добила одговор.