Поранешниот полковник во руското воено разузнавање кој подоцна бил врбуван за британските специјални служби Сергеј Скрипал кој на почетокот во март беше жртва на напад со нервен агенс во англискиот град Солзбери, во 2012 година престојувал во тајна посета на чешката престолнина, објави во неделата интернет изданието на прашкиот неделник Respekt, а Чешка е посочена како една од земјите во коишто се развивал посочениот агенс наречен „новичок“.
Во 2006 година воениот суд во Москва го осуди полковникот во резервниот состав на ГРУ, Сергеј Скрипал, на 13 години затвор. Во време на неговата служба во руските вооружени сили во средината на 1990-те години, тој бил врбуван од британското разузнавање MI6 до коешто доставувал информации кои носеле ознаки државна тајна.
Скрипал замина во Велика Британија откако беше помилуван од рускиот претседател и заедно со уште двајца осуденици за шпионажа разменет за десет руски државјани затворени во САД под обвинение за шпионажа.
Според сознанието на неделникот, откако Скрипал се населил во Велика Британија почнал повторно да соработува со службата MI5 за откривање на мрежата руски агенти во странство. Поради тоа, поранешниот воен резервен разузнавач се среќавал со „претставници на специјалните служби на партнерските земји, вклучително и Чешка“. Како што истакнува Respekt, неговите посети на Прага биле куси, но „корисни за државата“.
„Претставниците на чешките разузнавачки агенции потоа со поранешниот руски шпион, според информациите до кои дојде Respekt, најмалку еднаш се сретнал и во Велика Британија“, пишува прашкиот неделник, кој важи како добро информиран за активностите на специјалните служби. Притоа, чешките тајни служби на ниеден начин не се доведуваат во поврзаност со труењето на Скрипал.
Чешкиот претседател Милош Земан на 4-ти мај призна дека во неговата земја го произведувале „новичок“, односно дека Чешкиот институт за одбранбени истражувања НИИ произведувал и тестирал отровна супстанција категоризиран како А-230, којашто военото разузнавање на земјата ја класифицирала како „новичок“, повикувајќи се на извештајот на специјалните служби.
Според него, во документите од военото разузнавање се наведувало дека супстанцијата А-230 целосно е аналогно на агенсот „Новичок“, а во исто време во извештајот на СБИ таквото тврдење било негирано. Веднаш следниот ден чешката влада објави дека ваквиот агенс бил тестиран но не бил произведуван во земјата, како и дека има контрадикторни наводи во извештаите на различните безбедносни агенции,
Кон крајот на март портпаролот на чешкиот претседател, Јуржи Овчачек изјави дека контраразузнавањето на земјата започнало истрага по повод можниот развој или складирање на територијата на Чешка на отрови од типот на „Новичок“. Кон овој процес биле вклучени и военото разузнавање и лично министерот за одбрана Карл Шлехтов, беше кажано.
Британската премиерка Тереза Меј на 12-ти март рече дека 66-годишниот Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија биле отруени со воен нервен отров кој го нарече „Новичок“ кој наводно Советскиот сојуз го развил во 1970 и 1980-те години.
Русија, пак, објави дека името „Новичок“ е дадено за да асоцира на „руско“, но дека станува збор за агенс познат како А-230 и подвид А-234, кој го развивале и Велика Британија, Шведска, Чешка и Словачка, како и САД каде што со децении живее еден од руските хемиски научници кои работеле на вакви супстанции.
Тогаш истовремено директорот на Одделот за прашања за неширење и контрола на вооружувањето во руското Министерство за надворешни работи,Владимир Ермаков, изјави дека Москва за „случајот Скрипал“ воопшто нема претензии вината да ја префрла врз Прага.