Скршената гитара на Ноел Галахер продадена за 300.000 евра

Црвената електрична гитара од моделот „Gibson“ од 1960 година, на којашто свиреше Ноел Галахер, фронтменот на бендот Oasis, а неговиот брат Лиам ја скршил во 2009 година по кавга пред еден настап ноќта кога групата се разотиде, е продадена во вторникот на наддавање во Париз за 300.000 евра.

Медиумите пишуваат дека Лиам гитарата ја скршил зад сцената, а музичките стручњаци истакнуваат дека тоа бил еден од „култните моменти“ во историјата на рокот.

Лиам гитарата ја уништил во налет на гнев на фестивал во француската престолнина во 2009 година, кусо пред бендот да излезе на сцената. Подоцна инструментот го поправил француски произведувач на виолини и гитари.

Англискиот пејач, текстописец и музичар со сертификат потврдил дека гитарата ја оштетил неговиот брат. Ноел Галахер бил особено врзан со овој инструмент, имајќи предвид дека многу текстови и мелодии ги компонирал токму со овој модел на „Gibson“.

„Овој Gibson ES 355, сериски број A34884 од 1960-та беше гитарата којашто Лиам Галахер ја скрши во Париз во 2009-та ноќта кога се распадна групата Oasis. Тоа беше мојата омилена гитара на којашто компонирав бројни песни“, напиша Ноел Галахер во белешката кој оди со гитарата.

Бендот Oasis е основан во Манчестер, а врвот на славата го доживеа подоцна во 1990-те години со хитовите како „Don’t Look Back In Anger“ и „Wonderwall“. Меѓутоа, познатите кавги меѓу браќата Галахер резултираа со распад на бендот откако меѓусебните нетрпеливости кулминираа на фестивалот „Rock en Seine“ во Париз, поради што Ноел ја напушти групата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.