Славјанка Петровска призна и ја обвини опозицијата дека „ги поттикнала“ нејзините сопартијци да сторат кривично дело

Пратеничката од владејачката СДСМ, Славјанка Петровска, во објавите на социјалните мрежи признава дека нејзината сопартијка Бисера Костадиновска Стојчевска и пратеникот од коалициската ДОМ, Мирослав Богдановски, сториле кривично дело откако во неделата и покрај тоа што се позитивни на коронавирусот и според законот треба да бидат во самоизолација се појавија во Собранието, загрозувајќи го здравјето на колегите и другите вработени во македонскиот парламент.

Но како „дипломиран правник“, Петровска дава и поуки дека „Бисера и Мирослав“ биле поттикнати на таквиот чекор, со што всушност ја признава незаконската постапка на колегите.

„Колегите од опозицијата кои најавуваат кривични пријави за колегите Бисера и Мирослав, еве да ги потсетам, дека согласно Кривичниот законик треба да си поднесат кривични пријави и за себе и за нивните сојузници од Левица“, пишува во еден од твитовите Петровска.

„Со блокирањето на измените на Деловникот, тие оневозможија онлајн работење на Собранието. Или да им преведам, ако Бисера и Мирослав сториле кривично дело, тогаш тие ги поттикнале да го сторат тоа“, дообјаснува пратеничката на СДСМ.

Претходно во понеделникот вечерта, пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска најави дека нејзината партија ќе поднесе кривични пријави за двајцата пратеници, додавјаќи дека нејзино лично мислење е дека за ваквото неодоговрно однесување треба да одговара и претседателот на македонското собрание кој го загрозил здравјето и на пратениците и на вработените во службите.

Стојаноска притоа посочи дека со овој непромислен потег на двајцата пратеници било загрозено здравјето не само на нивните колеги во Собранието, туку и на сите собраниски служби, новинарите кои биле присутни,како и дека воопшто не е точно дека пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска влегла по други патеки. Влезот во собраниската салата каде што сега се одвиваат пленарните седници е во ист ходник каде што од десната страна има врата за да се качат во кабините.