Славјанка продава армиски кучиња на јавно наддавање

Министерството за одбрана продава 11 обучени службени кучиња по пат на јавно наддавање. Почетната цена зависно од сортата и староста на кучињата се движи од 3.690 денари до 12. 300 денари, а за најдобар понудувач ќе се смета секој кој ќе понуди највисока цена.

Според огласот, најголемиот дел од кучињата се стари половина година, а само 2 имаат по 1,5 година. Сите се женски. 8 од нив се од сортата германски овчар, а 3 се белгиски овчар.

Кучињата се наоѓаат во Центарот за обука и дресирање на кучиња во касарната „Ѓорче Петров“ и можат да се видат на 2 февруари од 12 до 13 часот. Аукцијата ќе се одржи во петок (11 февруари) со почеток во 11 часот.

Право на учество на јавното електронско наддавање имаат сите домашни и странски физички и правни лица кои ќе уплатат 2 отсто од проценетата вредност на кучето за кое се заинтересирани.

Во армијата и полицијата ваквите кучиња имаат статус на вработени службеници подеднакво ист како армијците или полицајците.

Огласот предизвика реакции и коментари на социјалните мрежи. Дел од коментрите се однесуваат на тоа каде ќе завршат овие обучени млади кучиња, дали можеби во борба на кучиња.

„Новата министерка за одбрана штотуку седната на министерското столче ја започна својата кариера со колосална одлука за продажба(распродажба) на истренирани армиски кучиња за подобрување на финансискиот биланс во армијата! Во случајов станува збор за млади кучиња, едногодишни здрави единки кои ја поминале комплетно целата обука! Во армијата и полицијата тие кучиња имаат статус на вработени службеници подеднакво ист како армијците или полицајците!

Тие се партнери на заедничка задача(спасување на луѓе, откривање на изгубени лица, откривање на дрога, шверц со оружје, експлозиви, откривање на мини, фаќање на криминалци, терористи…)
Министерке Славјанка, кучињата не се #предмети!

Тие се на работа во армија (полиција) како регуларни службеници! Со каква леснотија ги продавате овие чесни службеници?

Да Ве потсетам дека во други земји (европски, САД..) повредувањето или убивањето на ваквите кучиња се смета за тешко кривично дело слично како повредување или убивање на обичен полициски службеник или воено лице! Сте размислиле ли каде ќе завршат овие добро истренирани кучиња – службеници?“, се вели во еден од коментарите.