Славески: Не верувам дека Заев ќе ја заживее македонската економија

Професорот Трајко Славески во своето гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма истакна дека потегот на премиерот Зоран Заев да се самоименува за министер за финансии е непроверен со меѓународните финансиски институции, кои што не се неважни за развојот на Република Македонија, и дека ваквиот негов потег нема да наиде на симпатии кај нив.

Славевски посочи дека не верува оти за пет месеци колку што остана до крајот на годината, Заев ќе успее да ја заживее македонската економија.

-Мене се уште ми е нејасна изјавата на Заев, дека министерот за финансии се менува бидејќи 2019-та година е година на економијата. Јас мислам дека, барем за остатокот од 2019-та година, ефективно останаа пет месеци, ќе заживее економијата ако премиерот го замени министерот за финансии.

Вицепремиерот за економија се наметна како фронтмен за економските политики, а требаше да биде обратно. Секогаш фронтмен на економските политики во реформски влади е министерот за финансии. Сега да не нагаѓаме за релациите на тие два ресора, затоа што секогаш постои конкуренција, ривалство итн. Така што допрва ќе треба да ја видиме целосната слика. Не сме заинтересирани како јавност и како експерти за персоналните решенија, секој е менлив, туку за последиците по македонската економија, ова ќе има негативни последици по македонската економија, вели Славески.