Славниот Рафаел умрел од болест од „типот коронавирус“

Автопортретот на Рафаел

Славниот сликар од периодот на ренесансата имал треска и ѝ подлегнал на болест од „типот на коронавирусите“, откако на лекарите им ги премолчел излегувањата во студените ноќи за да ги посетува љубовничките, открива студија посветена на Рафаел.

Митот кажува дека Рафаело Санти да Урбино, чијашто 500-годишнина од смртта се одбележува оваа година, починал од сифилис кога имал само 37 години. Стручњаците денес се согласуваат дека сликарот умрел од инфекција.

Треската со денови го исцрпувала сликарот и архитект и Папата кој „стравувал од загубата на овој непроценлив уметник“ ги испратил своите најдобри лекари да се погрижат за Рафеал, открива историчарот на медицината Микеле Аугусто Рива.

Како што наведува во своите спомени италијанскиот сликар Џорџо Васари (1511 – 1574) во своито дело „Животот на најдобрите сликари, вајари и архитекти“, Рафаел на лекарите не им кажал дека „со ноќи кришум излегувал од дома“ за да ги посетува своите миленички“.

„Тогаш ноќите во март биле многу постудени, можно е дека добил воспаление на белите дробови“, смета Рива.

Тогашните лекари кај сликарот дијагностицирале треска и препишале „пуштање на крвта“, со пијавици или со засекување, а таа постапка до смрт го ослабела уметникот, чудото од дете кое заедно со Микеланџело и Леонардо да Винчи ја сочинуваат „големата ренесансна тројка“.

„Тогаш лекарите веќе биле свесни за опасноста од пуштањето на крвта при лекувањето на заразените болести, но постапувале врз основа на погрешни информации. Станува збор за лекарска грешка, но и на самиот сликар кој ги премолчел излегувањата во ледените ноќи“, тврди Рива.

Научниците оваа куса студија објавена во магазинот Internal and Emergency Medicine ја подготвиле пред кон крајот на февруари годинава во северна Италија да започне да пустоши коронавирусот.

„Според она што го знаеме, Рафаел починал од болест на белите дробови многу слична на коронавирусот каков што го знаеме денес“, вели Рива.

Според сведочењата на неговите современици, сликарот боледувал 15 дена, а болеста била акутна, проследена со висока температура.

И покрај прераната смрт, Рафаел создал величествени дела од кои дел се чуваат во Ватикан чиишто музеи имаат неколку сали исликани со неговите фрески. Ги завршиле неговите ученици по смртта на мајсторот и токму ткн Рафаеловите одаи се меѓу најпосетените во Ватиканските музеи.

Летото 2017 година две платна на масло од Рафаел беа откриени во текот на реставрирањето на една од 1.400-те простории на Ватиканските музеи, кои сочинуваат извонредно важна музејска целина, а се наоѓаат во Ватиканската палата.