Следната недела е последната шанса за договор со Бугарија, во спротивно блокада на преговарачката рамка

Средбите на билатерално ниво во рамките на Берлинскиот процес како и деновите до Советот на ЕУ посветен на проширувањето се последната шанса за постигнување на договор помеѓу Скопје и Софија за да се усвои рамката за преговори на 17 овој месец, јави дописничката на МИА од Брисел.

Како што веќе јави МИА, земјите членки на ЕУ не планираат да ја стават Северна Македонија на дневен ред на амбасадорскиот состанок планиран во среда во Брисел доколку не се постигне значаен напредок на билатерално ниво.

Средбите во рамките на Берлинскиот процес денес и утре ќе бидат искористени за обид да се приближат ставовите, но црвените линии што ги делат двете страни се дијаметрално спротивставени до овој момент.

Бугарската страна и натаму инсистира Северна Македонија да прифати дека има „бугарски корени“ пред 1945, не го признава јазикот и смета дека треба да се вметне посебна одредба во преговарачкиот процес со ЕУ поврзан со овие прашања, со што фактички таа би го прејудицирала исходот на самите преговори.

-Овие барања се чинат неприфатливи за македонската страна која се чини дека е подготвена на компромис, но не по било која цена, велат дипломати во Брисел.

Бугарските дипломати исто така се повикуваат на своите црвени линии како и на последните анкети на јавното мислење во Бугарија каде 80 отсто од граѓаните сметаат дека треба да се блокираат преговорите со Северна Македонија ако нема договор за билатералните прашања.

Останатите земји членки на ЕУ сметаат дека не смее да се „билатерализира“ преговарачкиот процес на С. Македонија.

Како што пренесува европскиот весник „Политико“ денеска, во ЕУ расте фрустрацијата кон тврдиот став на Софија, посебно во Германија која претседава во Унијата до крајот на оваа година и за која приоритет е отпочнувањето на преговорите со Скопје.

Со оглед на тоа дека Албанија сѐ уште не ги исполнува сите услови, бугарската блокада би донела повторно неуспех на ЕУ во политиката на проширување, со оглед на тоа дека ниту Скопје ниту Тирана најверојатно тогаш не би отпочнале преговори оваа година.

Одредени дипломати ја доведуваат во прашање и посветеноста на земјите членки на ЕУ да се справи со бугарските притисоци, како што се справува со кои било притисоци од земји членки за досиеја кои ги сметаат за проминентни.

-Крајната одговорност е кај Бугарија, велат во ЕУ, но и на ЕУ е да покаже дека држи до своите принципи.

Но играта не е готова, додаваат дипломатите во Брисел со кои разговараше МИА, и оптимизмот дека ќе се надминат разликите сѐ уште не е закопан.

-Иако, велат одредени извори блиски до Софија, тврдите изјави на некои дипломати упатени до Бугарија „не помагаат“ за омекнување на позициите, посебно со оглед на тоа дека земјата влегува во предизборна кампања.

На 17 ќе се одржи Советот за општи работи на ЕУ каде ќе се дебатира и најверојатно одлучува, за усвојувањето на преговарачките рамки со Албанија и Северна Македонија. Дотогаш македонската и бугарската страна имаат една недела да ги надминат своите разлики без притоа да ги преминат црвените граници.