Следната недела нова лидерска средба!?

Договор за Законот за јавно обвинителство до средината на октомври, очекува премиерот Зоран Заев и најавува подготвеност за нова средба со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски следната недела.

Заев очекува напредок во преговорите меѓу Владата и ВМРО ДПМНЕ до неговото враќање од Њујорк по што би се отворил патот тој и опозицискиот лидер да ги прецизираат деталите за финалниот предлог закон за јавно обвинителство.

„Очекувам дека штом се вратам веќе ќе има нешто подготвено од работните групи, од преговарачите од двете страни. Идната недела би бил спремен да се сретнам и со шефот на опозицијата или самите работни групи да направат една средба. Тоа значи дека пред министерскиот совет (на ЕУ), некаде 15ти, 16ти (октомври) е убаво да го решиме ова прашање. Секако, никогаш не е доцна за такво решавање, но со самото решение ќе испратиме уште една порака за нашата политичка и демократска зрелост дека навистина и она што не е дел од извештајот за нашата земја, сепак наоѓаме начин да го надминеме“, вели Заев во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.

На 10-ти септември Заев и Мицкоски се сретнаа во Собранието, но лидерската заврши без успех. Изнесувањето на нови предлози од страна на Заев спротивни на она што веќе било утврдено како договорено се наведуваше како причина за пропаднатата средба.

Пред неколку дена во Собранието се сретнаа и работните групи, но и тие не ги поместија преговорите од „мртва точка“. Само што започнат состанокот се прекина поради несогласувања околу заклучоците од лидерската средба. Од ВМРО ДПМНЕ по средбата посочија дека тие се подготвени да ги продолжат разговорите, но по предлогот што го изнела министерката за правда, Рената Дескоска ценат дека преговорите се уште се далеку од постигнување договор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.