Следните две седмици ќе бидат тешки и болни за САД, предупреди Трамп по рекордните нови 770 жртви

(Photo by Win McNamee/Getty Images)

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди во вторникот дека следните две седмици ќе бидат „многу тешки и болни“ поради пандемијата на коронаворусот.

„Нѐ очекуваат многу тешки две седмици, а потоа, се надевам, како што прогнозираат експертите… ќе ја видиме светлината на крајот од тунелот. Но тоа ќе бидат две многу болни седмици“, изјавил Трамп на брифингот со новинарите.

Истовремено телевизијата CNN објави дека бројот на смртните исходи од заразата со коронавирусот во САД во последните 24 часа изнесува 770, правејќи ја својата процена врз информациите од федералните и локалните власти.

Со тоа првпат од почетокот на епидемијата во САД за едно дононоќие се забележани повеќе од 700 смртни исходи како последица на Covid-19. Вкупно бројот на леталните исходи во земјата, според податоците на CNN, се зголемил на 3.774.

Институтот при универзитетот „Џонс Хопкинс“ од Мериленд, кој ги собира податоците од истите извори за едно деноноќие, на својата интернет страница доцна попладнето во вторникот по локално време, ноќта по македонско време, бележеше повеќе од 184.000 заразени со коронавирусот, од кои починале повеќе од 3.700 луѓе во САД.