Слика на Пол Гоген продадена за 10,5 милиони евра

Сликата на францускиот постимпресионист Пол Гоген вчера на аукција во Париз била продадена за 10,5 милиони евра. На сликата “Te Bourao II” е насликан поток со птици и цвеќе во богата палета од сини и зелени бои. Исчезнала во 1897-ма, кога Гоген живеел на Тахити.

Ова дело било во приватна сопственост, а е едно од серијата од девет слики настанати додека уметникот работел на многу поголемиот проект наречен „Од каде доаѓаме? Кои сме? Каде одиме?”.

Гоген е роден во Париз во 1848-ма година. Неговото влијание на движењето на симболизмот како сликар, вајар и керамичар било големо. Славен станал по смртта во 1903-та година. Исто така, тој влијаел на работата на уметниците Пабло Пикасо и Анри Матис.