Сликите на Заев и министрите ќе не чинат 36 илјади евра

Владата склучила договор за набавка на фотоопрема од над 2,2 милиони денари. Договорот е склучен со фирмата „Пикс плус траде“ ДООЕЛ. Станува збор за набавка на опрема за секторот за односи со јавност кој работи на покривање настани во и надвор од Владата, а се поврзани со активностите на Владата со министерствата и на премиерот, пренесе Макфакс.

Во договорот потпишан од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, не пишува за каква фотоопрема станува збор.

Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, вели дека за оваа сума набавени се два фотоапарати и еден професионален рачен камкодер, мала стабилизирана камера, како и придружна опрема за истите.

Извори за Макфакс тврдат дека станува збор за едни од најпрофесионалните фотоапарати каков што засега има само еден фоторепортер во земјава, а истиот чини околу 6 илјади евра.

За владината пиар-служба имаше големи реакции во јавноста уште од почетокот на нејзиното основање, со оглед на обемноста на кадарот, чија основна задача е да ги промовира владините политики. Дел фотографи и новинари од медиумите реагираа дека владината пиар-служба им го зема лебот, со оглед на тоа што Владата до медиумите испраќа готови, новинарски подготвени текстови и фотографии од настани, а со тоа се демотивираат редакциите да вработуваат фоторепортери и буквално чекаат на готово комплетно напишани текстови и фотографии од настани.

Фотографии од владините настани се објавуваат на „Фејсбук“, „Инстаграм“, Flickr, на веб-страницата на Владата, а се испраќаат и на електронската пошта на медиумите.