Словачка ја разгледува можноста за набавка на „Спутник V“ пред одобрувањето во ЕУ

Словачка би можела да започне преговори за набавка на руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“ пред препаратот да добие одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА), која е регулаторното тело во Европската унија, соопштија во вторникот словачки функционери.

Во земјите членки на Европската унија засега вакцината „Спутник V“ е одобрена само во Унгарија. ЕМА претходно во февруари рече дека сѐ уште не го добила барањето за одобрување на руската вакцина за пазарот во ЕУ, но произведувачот објави дека го направил тоа.

„Вистинско време е владата да започен разговори со руската стана за набавка на ‘Спутник V’. Владата за тоа ќе разговара во четвртокот наутро. Засега во ЕУ ја користи само Унгарија, а не гледам зошто не би ја употребувале и ние“, напиша на Facebook словачкиот премиер Игор Матович додавајќи дека тој е за оваа „одлична вакцина со голема делотворност“.

Словачкиот министер за здравство Марек Крајци истакна дека вакцината ќе се користи само доколку се покаже ефикасна, односно дека локалните здравствени власти треба да се уверат дека постапката за производство е исправна.

И чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави дека неговата држава ја разгледува можноста да ја одобри вакцината „Спутник V“, но подоцна рече дека ќе го чека одобрувањето од ЕМА.

Европската агенција за лекови (ЕМА) сѐ уште не ја одобри руската вакцина, но тоа го стори унгарската државна агенција во јануари, со што Унгарија стана првата земја во ЕУ која ја користи „Спутник V“. Во вторникот во Будимпешта стасаа и 550.000 дози и од кинеската вакцината „Sinopharm“ со што Унгарија стана и првата земја членка на Европската унија која своите граѓани ќе ги имунизира против коронавирусот и со кинеска вакцина.

Ваквите реакции на земјите од ЕУ следат по жестоките критики кон Брисел, за потфрлање во обезбедувањето доволно дози од вакцините а поради неможноста на произведувачите на вакцината да одговорат со своите капацитети, со што континентот доцни во имунизацијата на населението.