Словачка за еден ден бесплатно тестираше милион граѓани

Повеќе од милион Словаци денеска беа тестирани за коронавирус, како дел од огромната логистичка операција за тестирање на поголемиот дел од населението за време на викендот, во обид да се стави под контрола вирусот.

Властите посочуваат дека амбициозниот план за тестирање на мнозинството граѓани над 10 години од 5,5 милиони жители е прв во земја со таква големина. Него го следат други земји кои размислуваат како да се забави ширењето на вирусот и да се избегнат високите здравствени трошоци.

Повеќе од 40.000 лекари, војници, полицајци, административни работници и волонтери вршат тестови на околу 5000 локации.

– До пладне биле тестирани 828.518 лица, од кои 7.947 биле позитивни, рече министерот за одбрана Јарослав Над на прес-конференција.

– Очигледно тестиравме над милион луѓе, рече тој, додавајќи дека над три милиони луѓе може да бидат тестирани за време на викендот.