Словачки милионер го нарачал убиството на Куцијак?

Мултимилионерот Марјан Кочнер најверојатно ја издал наредбата за убиството на словачкиот новинар Јан Куцијак (27), објави весникот„Денник Н“, неколку дена по апсењето на четворица осомничени за ликвидацијата.

Еден од уапсените осомничени го идентификувал претприемачот Кочнер (55) како нарачател, пишува словачкиот весник. Тој во минатото бил уапсен поради фалсификување на пари во износ од 69 милиони евра, а Куцијак пред смртта детално ги истражувал неговите деловни активности, се вели во статијата.

Новинарот често известувал за сомнителни и делумно потврдени нелегални акции од овој бизнисмен. Откако објавил текст за сомнителни активности во врска со продажба на станот на Кочнер објавен во 2017 година, бизнисменот телефонски му се заканил на Куцијак дека ќе се осигура никогаш повеќе да не пишува.

Во понеделникот јавниот обвинител објави дека уапсената Алена З. (44) е осомничена како нарачател на убиството. Таа, сепак, немала конфликт со Куцијак, но била во големи долгови. Медиумите исто така известуваат дека Алена З. работела како преведувач на Кочнер.

Според „Денник Н“, Алена З. на уапсениот Злотан А. му рекла дека Кочнер го нарачал убиството на новинарот, а тој информациите ги пренел до истражителите. Золтан А., наводно, дејствувал како посредник меѓу Алена З. и Томас С, кој пукал во Куцијак, како и со неговиот возач Мирослав М. Сите четворица беа уапсени минатата недела и се наоѓаат во притвор.

Куциак и неговата свршеница Мартина Кушнирова (27) беа убиени пред куќата во селото Велка Маца, на 65 километри од Братислава.
Првично се сметаше дека тој е убиен бидејќи ги истражувал врските помеѓу италијанската мафија и словачката влада. Неговата незавршена статија беше објавена по неговата смрт. Убиството на новинарот доведе до масовни демонстрации против владата и оставка на премиерот Роберт Фиц.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.