Словенечката полиција предупредува на нагло зголемување на илегалните преминувања

И армијата ќе ја контролира границата на Словенија

Бројот на нелегални преминувања на границата во Словенија е во голем пораст оваа година, објави денеска словенечката полиција, посочувајќи дека најголем број илегални мигранти доаѓаат од Пакистан, Алжир и Авганистан.

Според редовниот месечен извештај за состојбата со миграцијата, во јули е достигнат најголем месечен број илегални преминувања на границата по масовниот миграциски бран од 2015-2016 година, со приведени 1.740 мигранти. Во првите седум месеци од оваа година имало 7.415 обиди за илегални преминувања.

Словенечките полицајци вратиле 4.908 нелегални мигранти во соседните земји, додека тие земји вратиле 416 лица во Словенија кои нелегално влегле во нивната земја, вклучително и 24 словенечки државјани.

Во Словенија во моментов има 346 баратели на азил, додека 680 лица добиле статус на меѓународна заштита.