Словенечкиот Парламент зад затворени врати расправа за аферата со прислушување

Парламентот на Словенија попадневно без присуство на новинари и зад затворени врати ја почна расправата за извештајот на Комисијата за надзор на разузнавачките и безбедносните служби, за аферата со прислушување во процесот на арбитража меѓу Словенија и Хрватска.

Беше најавено дека собраниската седница ќе биде во два дела односно прв на кој ќе се разгледува извештајот и ќе биде затворен за јавноста и втор, на кој ќе биде дозволено и присуство на новинари. Пратениците сепак решија и двата дела да бидат зад затворени врати, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Пред почетокот на расправата која е предвидено да трае пет часа, претседателот на собранието Дејан Жидан, изјави дека за државата е многу важно разузнавачките служби да функционираат квалитетно и согласно со законот.

Инаку, аферата со прислушување се однесува за процесот на арбитражата за територијалниот спор меѓу Словенија и Хрватска во 2015 година. Имено, во делот од извештајот на Комисијата за надзор на разузнавачките и безбедносните служби кој беше достапен на јавноста, се наведува дека словенечки агент, не го почитувал Законот за класифицирани информации во текот на својата комуникацијата со еден од арбитрите во процесот, и покрај тоа што од Словенечката агенција за разузнавање и безбедност ги добил сите потребни насоки и обуки. Имено, агентот во своите службени разговори не употребувал заштитени телефонски линии и зборувал надвор од работното време.

Во врска со оваа афера хрватските власти сметаат дека Словенија сама ја потврдила, како што велат, измамата во арбитражниот процес и тоа е една од причините зошто тие не ја признаваат конечната пресуда на арбитражниот суд.