Словенечкиот ПЕН го именуваше Асанж за свој почесен член

40

Словенечкиот ПЕН центар, кој е член на истоименото меѓународно здружение на писателите, поетите и есеистите, го именуваше новинарот и публицист и основач на разобличувачкиот интернет ресурс WikiLeaks, Австралиецот Џулијан Асанж, за свој почесен член, придружувајќи се на меѓународната акција за поддршка на активистот кому му се заканува израчување во САД каде поради објавите му се заканува најмалку доживотен затвор.

Како што се најавува во писмената изјава на словенечкиот ПЕН, членовите на управниот одбор на здружението со едногласна одлука го избрале Асанж за свој почесен член и во надеж дека со тој потег ќе биде даден прилог кон широката меѓународна поддршка во неговото настојување преку судски пат да избори слобода.

„Џулијан Асанж е најхрабриот новинар и публицист последните две децении, за што професионално плаќа извонредно висока цена. Да се затвори некој само затоа што ја објавил вистината е во спротивност со сите демократски регулативи коишто се втемелени на слободата на говорот и новинарството како четврта гранка на власта“, се наведува во изјавата на словенечкиот ПЕН.

Се додава дека Асанж за почесното членство ќе го известат преку писмен пат и известувањето ќе му биде испратено во затворот во Лондон, каде што се наоѓа. Претседателката на словенечкиот ПЕН центар, Тања Тума, притоа изјави дека за Асанж силно се заземале и американскиот и англискиот ПЕН.

„Осудувајќи го судскиот прогон на Џулијан Асанж, го осудуваме прогонот на секој новинар и публицист во светот, вклучително и словенечките, кога ќе се најдат под притисоци на влијателните коишто би сакале да ја прикријат вистината“, наведуваат натаму членовите на словенечкиот ПЕН центар.

Покрај тоа, во изјавата додаваат дека се надеваат оти новиот медиумски закон за медиумските слободи, на кој се работи во Европската комисија, ќе ги заштити сите писатели, новинари и „свиркачи“ од кривично гонење.

„Судскиот прогон на Асанж му го уништи животот и му ги одзема основните човекови права и само затоа што ја објави вистината. Демократијата која ја притиска вистината секако не е вистинска демократија“, наведуваат од словенечкиот ПЕН во писмото.

Поради објавување на стотици илјади прикривани документи за воените дејствувања на САД на Блискиот исток и во Авганистан, како и дипломатските преписки во кои се исмејуваат и критикуваат странските челници и политичари, вклучително и американските сојузници, и на основа на меѓународна потерница од Шведска за наводни силувања, Асанж кон крајот на 2010 година беше уапсен во Лондон, но од притвор беше пуштен со одлука на вишиот суд, по што седум години живееше во егзил во еквадорската амбасада во Лондон, и натаму јавно дејствувајќи и очекувајќи политички азил.

Но поради блокадите од страна на САД а особено по политичките промени во Еквадор, му беше ускратено гостопримството во амбасадата во Лондон по што британските власти го уапсија. Во САД, кои бараат да им биде предаден, е обвинет за десетици дела од шпионажа до предавство, за кои му се закануваат доголгодишни затворски казни, а неговите застапници стравуваат дури и од смртна казна.

Британскиот Врховен суд кон средината на декември минатата 2021 година донесе одлука според којашто Асанж може да биде екстрадиран во САД, на што неговите правни застапници се жалеа поради неговата нарушена здравствена и ментална состојба, како последица на долгите години минати во затворени простори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.