Словенечка компанија пријави кражба на биткоини за над 60 милион евра

Словенечката полиција потврди во понеделникот дека компанија со седиште во Словенија којашто се занимава со криптовалути пријавила исчезнување на големо количество на биткоини од нивниот електронски паричник.

Пријавата за напад на информатичкиот систем, при што од електронскиот паричник исчезнале речиси 4.700 биткоини, ја поднеле старт-ап компанијата „NiceHash“, којашто според написите во медиумите ја основале двајца словенечки државјани.

Оваа компанија работи како берза со криптовалути и своевидна менувачница. Нејзини клиенти и корисници со коишто е поврзана преку своите компјутери, меѓу другото, се „рударите“ (коишто ги копаат) бтикоините, со кој потоа тргуваат на пазарот на криптовалути.

Полицијата случајот го третира како сомневање за незаконски упад во туѓ информатички систем и кражба со којашто е предизвикана „голема материјална штета поради стекнување противправна имотна полза“.

Поради истрагата што ја водат стручњаци за борба против компјутерскиот криминал во полицијата велат дека во овој момент од истрагата за предметот не можат ништо повеќе да кажат, пренесуваат словенечките медиуми, кои наведуваат дека нанесената штета ја надминува сумата од 60 милиони евра.

Станува збор за првиот голем случај на кражба на криптовалути во Словенија, претходно од септември 2012 година до овој се пријавени пет слични случаи, а компанијата „NiceHash“ ги известила своите клиенти за размерите на случајот и ги замолила за трпение додека трае истрагата.