Словенецот Тадеј Погачар ја одбрани титулата на Тур д Франс

Словенечкиот велосипедист, Тадеј Погачар, ќе биде вкупен победник на 108. издание на најпрестижната велосипедска трка во светот, Тур д Франс, откако по денешната трка на хронометар ја одбрани предноста пред конкурентите и спроти завршната етапа може да почне да ја слави одбраната на титулата.

Погачар (ОАЕ Тим Емирати) спроти денешниот 30.8 километри долг хронометар од Либурн до Сент Емилион имаше 5.45 минути предност пред Данецот Јонас Вингегард (Џамбо Висма) и 5.51 минути пред Еквадорецот Ричард Капарзо (Инеос Грнадиерс).

Освојувајќи го осмото место во 20. етапа на трката, словенечкиот велосипедист успеа да ја одбрани предноста и утре треба само да ја извози последната славеничка етапа до Елисејските полиња за и официјално да ја потврди својата втора последователна победа на Трката околу Франција.