Словенија ѝ донирала на Украина 35 оклопни возила

Словенија ѝ донирала на Украина 35 оклопни амфибиски возила од типот „BVP M80A“ произведени во поранешната Југославија, за што во договор со САД ќе добие компензација за купување нова опрема за словенечката војска.

Како што пренесуваат во вторникот словенечките медиуми, возилата со железница веќе се упатени кон Полска од каде што треба да бидат пренесени во Украина.

Деконзервацијата на овие оклопни борбени возила траела повеќе седмици, а побрзото испраќање на помошта за Украина за војната против Русија досега го попречувале и логистички тешкотии поради ставот на Унгарија којашто не дозволува транспорт на вооружување преку нејзината територија, се наведува во прилогот на комерцијалната телевизија POP-TV.

Се додава дека, според договорот со САД, Словенија ќе добие од американската влада пари за купување оружје и опрема за словенечката војска, во вредност наводно поголема од онаа на којашто е проценета опремата испратена во Украина.

Амфибиското возило со гасеници „BVP M80A“ со екипаж од три војница има 20-милиметарски топ, митралез и лансери за противтенковски проектили „Маљутка“. Со оваа донација Словенија го исполнува ветувањето дадено на Украина и придонесува за нејзината способност да води војна против Русија, според словенечките медиуми кој го цитираат министерот за одбрана Марјан Шарец.

Словенија, според Шарец, на Украина претходно веќе и донирала на Украина пешадиско вооружување, шлемови, панцирни елеци и друга опрема, а дека отсега повеќе ќе се концентрира на други видови помош, вклучително и за деминирање и помош во обновата на Украина откако ќе заврши војната.

Како што нагласил министерот Шарец, Словенија имала големо искуство со повоените разминирања на теренот, на што низ годините дејствувала преку словенечко-американска фондација, по завршувањето на војните во поранешна Југославија.

„Тоа е хуманитарно дејствување, бидејќи по секоја војна тие подрачја треба да бидат разминирани за да нема нови цивилни жртви“, рекол Шарец додавајќи дека тоа не исклучува ниту натамошна помош за украинската војска, иако во Словенија „расположливиот арсенал вооружувања и опрема потребни на Украина главно е исцрпен“.

„Меѓутоа, можеме да им понудиме обука, веројатно на наш терен или некаде на друга земја членка на НАТО“, додал словенечкиот министер за одбрана.