Словенија ќе добие 400 милиони евра од Фондот за солидарност на ЕУ, најави Фон дер Лајен

Словенија ќе добие 400 милиони евра од Фондот за солидарност на ЕУ, 100 милиони евра годинава и 300 милиони евра следната година, најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по денешната посета на областите во Словенија погодени од поплавите и разговорот со словенечкиот премиер Роберт Голоб, објавија словенечките агенции.

Ова е само дел од европската помош од која Словенија може да има корист. Други 2,7 милијарди евра се на располагање според европскиот инструмент за заеми и грантови за обнова по Ковид-19, NextGenerationEU, кој Словенија сè уште не го искористила. Покрај тоа, постојните кохезиони фондови во вкупна вредност од 3,3 милијарди евра може да бидат репрограмирани, за да ги помогнат напорите за обновување на земјата по поплавите.

„Имаме добар пакет од итна, среднорочна и долгорочна поддршка за обнова и закрепнување на Словенија“, рече Фон дер Лајен.

Таа истакна дека времето е од суштинско значење и Словенија треба што поскоро да поднесе прелиминарна проценка на штетите.

Поплавите предизвикани од обилните дождови кои почнаа на 4 август, словенечкиот премиер ги опиша како најголема природна катастрофа во последните 30 години. Тој рече дека штетата е во милијарди евра. Две третини од земјата се уништени, а многу луѓе останаа без домови. Се верува дека вкупно шест лица ги загубиле животите поради невремето и поплавите во земјата во последните денови.

Европската унија, НАТО и многу европски земји испраќаат итна помош во Словенија.

Папата Франциск денеска во Ватикан изјави дека се моли за настраданите во поплавите во Словенија и Грузија и им се заблагодари на тие кои пружаат помош.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.