Словенија: На владата на Голоб брзо ѝ паѓа популарноста

Два ипол месеци откако убедливо победи на парламентарните избори и брзо ја формираше владата, словенечкиот премиер Роберт Голоб се соочува со чувствителен пад на популарноста во анкетите, но и во покритичните медиумски коментари.

Повеќе од половината од испитаниците во редовната месечна анкета Barometar во новото јулско истражување навеле дека работата на владата на Голоб ја оценуваат „негативно“ или „многу негативно“, што претставува раст на неповолните оцени за сѐ уште новата влада за 70 отсто во однос на јуни, пренесува во понеделникот љубљанскиот дневен весник Delo.

„Иако политичарите умеат да кажат дека изборите се единствената вистинска анкета, владата треба да стравува од ваквиот пад на популарноста и јасно е дека тоа е вистински студен туш по изборите“, се истакнува во уредничкиот коментар.

Во текстот на Delo се наведува дека завршува „медениот месец“ за владата која пред изборите даде многу ветувања, но со нивното спроведување доцни пред кризната есен, иако Голоб во кампањата најавуваше дека со проблемите како што се скапотијата, енергетската и прехранбената криза, ќе се соочи во првиот месец од функционирањето на неговата влада.

„Од владата сега велат дека цените на енергијата и храната се решаваат приоритетно, но народот очигледно поинаку го гледа. Реалниот приход во трговијата на мало со прехранбените артикли паѓа во однос на минатата година, што е крајно невообичаено имајќи предвид на историски ниската невработеност во Словенија“, се наведува натаму во коментарот на водечкиот словенечки дневен весник.

Некои од првите потези на владата на Голоб во јавноста, но и во стручните кругови, дочекани се со критики. Така, на пример, медиумите и професиите предупредуваат на доцнењето на најавените законодавни решенија или мерки за здравството и цените на енергенсите, а некои ги оценија како „промашени“ и краткорочните мерки на субвенции во земјоделието, и најавата за откуп на целиот род на пченицата за државните резерви, по сѐ уште непозната цена сега кога жетвата е речиси пред завршување.

Во написот на Delo негативниот тренд на перцепцијата кон новите власти се илустрира и со оцената на познатиот политички аналитичар Владо Михељак, со која го проследи падот на популарноста на владата и парламентот во последните анкети.

„Ако се вели дека секоја власт расипува, а апсолутната власта расипува апсолутно, тогаш може да се каже дека во неколку седмици по формирањето на владата на Голоб таа расипува убедливо, и изненадувачки брзо“, вели Михаљек во својата колумна за неделникот Mladina.

Како доказ за слабеењето на позициите на Движење Слобода, партијата на Голоб, која на парламентарните избори во април освои 35 отсто од гласовите, забележувајќи така резултат како ниедна партија претходно, медиумите ја наведуваат и најновата анкета на агенцијата Mediana, според која кандидатката на Голоб на претседателските избори кои ќе се одржат есенва нема многу шанси да влезе во вториот круг.

Во анкетата работена за словенечката јавна телевизија минатата седмица на 707 лица, испитаниците можеле да избираат меѓу 14 имиња кои се појавуваат во јавноста како заинтересирани или, пак, веќе ја потврдиле кандидатурата за наследник на претседателот Борут Пахор.

Најголема поддршка, според анкетата, во моментов има познатата првавничка Наташа Пирц Мусар за која се изјасниле 23,9 отсто од испитаниците, 16,6 отсто добил Анже Логар, министер за надворешни работи во претходната влада на Јанез Јанша, додека кандидатката на партијата на Голоб, поранешната дипломатка Марта Кос добила 14,4 отсто од гласовите.

Иако до претседателските избори преостануваат неколку месеци, анкетата сугерира дека во вториот круг избирачите ќе решаваат меѓу кандидатката на левицата и кандидатот на десницата, иако и Наташа Пирц Мусар и Анже Логар најавија дека формално кандидатурите ќе ги вложат со потребните потписи од граѓаните, при што Пирц Мусар однапред ја поддржаа поранешните претседатели Милан Кучан и Данило Туерк, а Логар е поддржан од Јанша и неговата Словенечка демократска партија (SDS).