Словенија повторно ќе подига заштитна ограда на границата со Хрватска

Словенија повторно ќе почне со подигање на заштитна ограда на границата со Хрватска со цел да ја спречи илегалната миграција, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Ова во интервју за Демокрација го најави министерот за внатрешни работи Алеш Хојс, според кого „потребно е заштитна ограда да се постави по должина на целата граница”. Тој најави и дека ќе биде поставена дополнителна техничка опрема за надзор на граничната линија.

– Не можеме да знаеме дали повторно ќе има мигрантски бран, но ние треба да биде подготвени да ја заштитиме границата на најдобар можен начин. – изјави Хојс, кој пред да биде назначен за министер во владата на Јанез Јанша беше директор на приватна телевизија, за кој имаше обвинувања дека се финансира директно од унгарски компании блиски на Виктор Орбан.

Хојс во интервјуто кажа дека ако во Словенија би имало „медиумски баланс”, армијата на јужната граница веќе ќе имаше поголеми овластувања.